Рускиот претседател Владимир Путин нареди пренос на сите права за управување со аеродромот Пулково во Санкт Петербург од странските акционери (вклучувајќи го и германскиот „Фрапорт“ [Fraport AG]) на новооснована руска компанија.
Според декретот објавен доцна во четвртокот, акциите во концесијата (регистрирана на Кипар) што го води аеродромот во вториот по големина град во Русија, ќе се консолидираат во нова домашна компанија. Постојните инвеститори, кои го вклучуваат и фондот „Мубадала“ (Mubadala Investment Co), ќе ги задржат своите акции, но не и правото на глас.
Одлуката е донесена поради „загрозување на националните интереси и економската безбедност на Руската Федерација во контекст на прекршување на обврските на одредени странски правни лица“, се наведува во соопштението. Путин ѝ порача на владата да формира ново раководно тело за операторот Пулково.
Русија ја презема контролата врз локалното работење на неколку меѓународни холдинг компании од земји кои ги смета за непријателски. Ова е како одмазда за санкциите наметнати кон Кремљ од почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година. Русија ја презеде контролата врз фабриките во сопственост на „Данон“ (Danone SA) и „Карлсберг“ (Carlsberg A/S) во јули, а сега со нив управуваат сојузници на Путин.
Мерките преземени во Пулково изгледаат поинаку, бидејќи вклучуваат државните фондови на влади кои зазедоа понеутрален став во однос на руската војна против Украина. Уредбата, исто така, остава можност гласачките права на заинтересираните страни да бидат вратени „по нивно барање, со склучување на корпоративни договори со други учесници во компанијата и по преземање на обврски за почитување на руското законодавство“.
Германскиот аеродромски оператор „Фрапорт“, Катарската инвестициска управа и руската банка ВТБ имаа околу 25 отсто од акциите во конзорциумот за управување со Пулково. Остатокот беше контролиран од група инвеститори, вклучително и рускиот суверен фонд, РДИФ (RDIF), „Мубадала“ и „Баринг Восток“ (Baring Vostok), според „Интерфакс“.