Европската унија заостанува зад своите ветувања дадени на високо ниво дека ќе испорача значителен пакет помош за Украина, во исто време кога блокот се соочува со изгледи за силна економска болка дома.
Пред речиси два месеца, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи испраќање 9 милијарди евра во итни заеми за Украина. Досега, блокот успеа да договори почетна транша која покрива само една деветина од таа цел.
Во традиционално сонливиот летен период во Брисел, ЕУ ќе се соочи со нови предизвици бидејќи сеништето за целосно прекинување на рускиот гас и заострувањето на монетарната политика се заканува да го турне регионот во втора рецесија за две години.
За Украина, пак, потребите се итни и неодложни. Нацијата разурната од војна се соочува со буџетски јаз од 5 милијарди долари месечно за покривање на трошоците и другите итни давачки додека се обидува да ги одврати руските напади. Украинската централна банка останува најголемиот извор за финансирање на буџетот на владата и сè повеќе алармира за ограничувањата на нејзината способност да обезбеди готовина преку државниот долг.
„Се надеваме дека можеме да ги убедиме сите партнери дека на Украина навистина ѝ се потребни овие средства и ќе добиеме макрофинансиска помош до крајот на годината“, рече во изјавата украинскиот министер за финансии, Серхи Марченко.
Европската комисија, исто така, во мај се обврза да го финансира најголемиот дел од реконструкцијата на земјата, која може да изнесува 750 милијарди долари, според проценките на украинската влада. Тоа може да предизвика уште поостра дебата за ЕУ бидејќи нема договор за тоа како да се соберат средствата. Понудата на комисијата исплаши некои земји-членки, претпазливи поради огромните напори потребни за обнова на земјата и потенцијалните проблеми со корупцијата, велат познавачи на состојбите.
Влијанието на економските последици од војната тежи врз владите на ЕУ, бидејќи тие почнуваат да се грижат за ризикот од опаѓање на поддршката од граѓаните за Киев во наредните месеци, особено ако енергијата стане поретка и поскапа.
Домашен фронт
Кога министрите за финансии на ЕУ разговараа за помошта во Украина на состанокот во вторникот, околу една третина од 27. земји-членки предупредија дека ќе бидат потребни нови мерки за поддршка на најранливите групи внатре во блокот погодени од тековната криза за да се спречи незадоволство кон Киев, велат добро упатени извори.
Еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, за време на состанокот зад затворени врати им рекол на министрите дека националните влади треба да обезбедат економскиот одговор на последиците од војната да е доволно силен за да се избегне ризикот од замор кај Европејците, посочи претставник на ЕУ. Џентилони пред новинарите во четвртокот рече дека владите имаат должност да го ублажат влијанието на повисоките цени, особено на сметките за енергија, врз сиромашните.
Министрите во вторникот успеаја да договорат само заем од 1 милијарда евра за Украина како прва транша од поголемиот пакет макрофинансиска помош. Најголемиот дел од финансискиот пакет, кој начелно беше одобрен од лидерите на ЕУ во мај, беше блокиран со недели поради разликите меѓу Комисијата и Германија за тоа како да се структурира финансирањето.
Ќорсокакот веројатно нема да се реши пред Брисел да се распушти за летото, според луѓе запознаени со динамиката на дискусиите. Сите 27 земји-членки мора да го дадат својот благослов за условите на пакетот за помош.
Услови од Берлин
Германија прво се обиде да ја убеди Комисијата да обезбеди грантови наместо заеми за да го олесни должничкиот товар на Украина. Берлин потоа се пазареше со извршната власт на ЕУ за условите на заемите.
Комисијата побара од земјите-членки да обезбедат гаранции за заемите. Но, Германија сака да го намали обемот на своите одговорности, тврдејќи дека дала милијарда евра неповратни грантови за Украина преку Меѓународниот монетарен фонд, изјави германски претставник. Берлин ги повика другите земји-членки да обезбедат дополнителни гаранции.
Одделно од ова, заем од 1,5 милијарди евра обезбеден од Европската инвестициска банка за Киев, исто така останува блокиран во машинеријата на ЕУ, бидејќи Комисијата бара поголем обем на гаранции во споредба со стандардното работење на банката. Официјален претставник на Комисијата рече дека ЕУ треба да се увери оти може да ги апсорбира загубите во случај на неисполнување на обврските на Украина.