Сакам Кина и Европската Унија (ЕУ) да бидат клучни трговски партнери способни да градат доверба во синџирите на снабдување, изјави кинескиот претседател Шји Џјинпинг пред лидерите на ЕУ за време на состанокот во Пекинг во четвртокот.
„Кина промовира висококвалитетен развој и отворање на високо ниво и е подготвена да ја смета ЕУ за клучен партнер во економската и трговската соработка“, рече Шји на состанокот во Пекинг со претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој кажа дека Кина сака да ја смета Европа за „доверлив партнер во индустриската соработка и синџирот на снабдување за да се постигне заемна корист“, објави кинеската државна телевизија Си-си-ти-ви.
Ова е првиот самит меѓу Кина и претставниците на ЕУ во последните четири години и треба да опфати голем број прашања, од протокот на податоци до пристапот до пазарот. Тензиите меѓу Брисел и Пекинг се разгореа поради напорите на Европа да го „намали ризикот“ по своите синџири на снабдување и неодамнешната истрага за субвенциите за електрични возила произведени во Кина.
Кина ја критикуваше истрагата на одделен брифинг во Пекинг во четвртокот, каде што портпаролот на кинеското министерство за трговија Хе Јадонг ја повика ЕУ да престане да ја користи истрагата за „трговски протекционизам“.
За време на состанокот, Шји ги повика Пекинг и ЕУ „да ги елиминираат сите видови пречки“, пренесе Си-си-ти-ви. Забелешката најверојатно е насочена кон САД, кои се обидуваат да ја спречат Кина да развие способност за производство на полупроводници од висока класа.
Фон дер Лајен го опиша нејзиниот разговор со Шји како „добар и искрен“ во објава на X. Таа напиша дека разговарале за „големите предизвици во свет со зголемени геополитички превирања“, додавајќи дека се согласиле за заедничкиот интерес од „урамнотежени трговски односи“.
Пред состанокот во четвртокот во Пекинг, Италија официјално ѝ соопшти на Кина дека ќе се повлече од иницијативата „Појас и пат“. Иако Италија со месеци се подготвуваше да го прекине учеството во инвестициската програма на Шји, времето на објавувањето ги нагласи тековните тензии меѓу втората по големина економија во светот и членките на ЕУ.
Прочитајте повеќе: Италија ја напушта иницијативата „Појас и пат“ на Кина
Шји и лидерите на ЕУ разговараа за „Појас и пат“ за време на нивниот состанок, а според Си-си-ти-ви, кинескиот лидер им рекол на официјалните лица дека е подготвен да ја поврзе иницијативата со европскиот инфраструктурен план „Глобална порта“ (Global Gateway) од 300 милијарди евра, чија главна цел е да се натпреварува со Кина во стратегиските региони.
Пред самитот во четвртокот, претставниците на ЕУ имаа намера да повикаат на поголеми напори за спроведување санкции против Русија. Но, во ЕУ се реални и не очекуваат конкретни резултати по тоа прашање.
„Длабоки прашања“ стојат на патот на добрите односи меѓу Пекинг и Брисел, изјави за ТВ „Блумберг“ Јенс Ескелунд, претседател на Стопанската комора на Европската Унија во Кина. Тој ги истакна војната во Украина, трговскиот дефицит и кинескиот вишок што се извезува во Европа.
„Тоа ќе мора да се реши пред да тргнат наопаку работите меѓу двете страни“, рече тој, додавајќи дека партнерството со Кина треба да создаде „еднаква или речиси еднаква вредност“ за двете страни.
ЕУ е загрижена дека слабото економско закрепнување на Пекинг, вклучувајќи ја и слабата домашна побарувачка, ќе ја наведе Кина да извезува уште повеќе, што би било закана за критичните индустрии во Европа и нивните работници. Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина минатата година порасна на повеќе од 400 милијарди долари.