Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) синоќа ја заврши консултацијата за член IV за 2023 година и го заврши вториот преглед на аранжманот ЕФФ за Украина. Тоа им овозможува на властите веднаш да повлечат сума од околу 900 милиони американски долари (663,9 милиони SDR - специјални права на влечење).
Украинскиот 48-месечен ЕФФ-аранжман, со пристап од 11,6 милијарди SDR (што е еквивалентно на 15,6 милијарди американски долари, или околу 577 отсто од квотата), беше одобрен на 31 март 2023 година и е дел од пакетот за поддршка од 122 милијарди американски долари за Украина. Програмата на властите поддржана од ММФ има цел да ги зацврсти политиките што ги одржуваат фискалната, надворешната, ценовната и финансиската стабилност во време на исклучително висока несигурност поврзана со војната, поддршката на економското закрепнување, како и подобрувањето на управувањето и зајакнувањето на институциите за промовирање долгорочно раст во контекст на реконструкцијата и патот на Украина кон пристапувањето во ЕУ.
„Тоа е втора ревизија на кредитната програма за Украина... И покрај деликатните времиња и тешката ситуација, украинската економија се покажа како отпорна дури и за време на руската инвазија и агресија што продолжува. Очекувам продолжување на закрепнувањето, а клучно во сè е надворешното финансирање, кое мора да продолжи на навремена и предвидлива основа“, рече шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева.
Украинските власти можат веднаш да ја повлечат таа помош од 900 милиони американски долари, што ги зголеми вкупните средства на ММФ за Украина годинава на 4,5 милијарди американски долари.