Во Собранието денеска трет ден ќе се расправа за Информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското претседателство со Советот.
Според најавите, седницата треба да започне во 11 часот.
Врз основа на списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ. За да помине овој предлог, потребно е да го поддржат 61 пратеник.
Расправата во изминатите два дена се одвиваше во тензична атмосфера. Опозицијата за време на обраќањата на пратениците од владејачкото мнозинство правеше врева, а имаше и вербални конфликти и меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат отфрлање на овој предлог кој, според нив, води кон директна асимилација на македонскиот народ, уцени и повеќегодишно попречување на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија. За разлика од нив, од владеачкиот табор смируваат дека преговарачката рамка нуди неповредливост на македонскиот идентитет и јазик и почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ.