Неколку граѓани беа повредени во неделата пред градското собрание на Белград, како дел од протестот што се одржа за да се поништат неодамнешните избори на сите нивоа, поради наводни нерегуларности.
Како што е соопштено за агенцијата „Бета“, повредените се пренесени во дежурните болници.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека двајца полицајци се тешко повредени, а уште неколку полесно и дека се уапсени повеќе од 35, како што кажа, насилници.
Шефот на бирото за координација на безбедносните служби Ивица Дачиќ изјави дека за понеделник, во 15 часот, закажал седница на тоа тело со раководителите на службите и надлежните обвинители. Дачиќ изјави дека е потребно да се одвои што се политички собири, а што „упад во државните институции и што е уривање на уставниот поредок“.
Претставниците на листата „Србија против насилството“ протестираат од понеделникот, 18 декември (ден по изборите), барајќи нивно повторување на сите нивоа поради, како што тврдат, „изборна кражба и голем број нерегуларности, кои значително влијаеле на резултатите од самите избори, особено на локалните избори во Белград“.
Седум претставници на таа листа, предводени од потпретседателката на Партијата на слободата и правдата Мариника Тепиќ, во понеделникот стапија во штрајк со глад, барајќи исполнување на барањата.
Организацијата „Архив на јавни собири“ соопшти дека на протестот пред Републичката изборна комисија (РИК) и градското собрание во неделата околу 18.40 часот, имало 7.100 граѓани, а тој број го утврдиле, како што посочуваат, „со броење од слика направена од дрон“. Претходно претседателот Вучиќ соопшти дека присуствувале 2.490 луѓе.