Врховниот суд на Израел го укина контроверзниот закон на десничарската коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој многумина го сметаа за директен удар врз судството и демократијата.
Судот, кој за првпат во својата историја заседаваше со сите 15 судии, го отфрли со осум спрема седум законот усвоен од парламентот во јули, со кој на судиите ќе им се забрани да поништуваат „неразумни“ владини одлуки.
„Ова е историски ден - огромна јавна победа за оние кои бараат демократија“, објави либералното Движење за добра влада во Израел. „На владата и на министрите кои сакаа да се изземат од владеењето на правото им беше кажано дека во Ерусалим има судии. Дека има демократија. Дека има поделба на власта“.
Малата разлика во гласовите е показател за поделеноста во израелското општество во однос на авторитетот на судот.
„Невидена штета“
Судот оцени дека „амандманот предизвикува сериозна и невидена штета на основните карактеристики на Израел како демократска држава“.
Одлуката ќе стапи на сила веднаш, изјави Барак Медина, професор по право на Хебрејскиот универзитет. Осум судии гласаа за укинување на законот.
Законот беше одобрен како амандман на уставот и беше прв од серијата судски промени што владата ги вети кога ја презеде функцијата кон крајот на декември 2022 година. Токму популистичките промени ја поделија нацијата, ги уништија пазарите и предизвикаа критики од Белата Куќа. Стотици илјади луѓе излегоа на улиците да протестираат или да ги поддржат планираните промени.
Војната ги заврши тие протести и го сврте вниманието на нацијата кон надворешните закани. Но, внатрешните поделби сè уште постојат.
„Одлуката ќе го блокира обидот за спроведување на судските реформи и важно е да се осигура дека владата дејствува во јавниот интерес, а не само во својот“, рече професорот Медина.
Судот, исто така, со 12 гласа „за“ и три „за“ пресуди дека има овластување „да спроведува судска проверка на основните закони и да интервенира во оние ретки и исклучителни случаи кога Кнесетот ги надминува своите уставни овластувања“.
Одговорот на Ликуд
Судиите, од кои двајца ќе се пензионираат подоцна овој месец, ја донесоа својата пресуда бидејќи тримесечната војна на Израел со Хамас продолжува да беснее. Партијата Ликуд на Нетанјаху го нападна судот, велејќи дека тоа е закана за националниот консензус во време на војна. „Одлуката на судот е против волјата на народот за единство, особено во воени услови“, соопштуваат од партијата.
Пресудата ги истакнува тензиите кои долго време постојат во израелското општество, кои произлегуваат од тоа како држава која се дефинира себеси како Еврејска го манифестира тој идентитет и кои се нејзините обврски кон не-Евреите. Додека националното политичко раководство стана порелигиозно и националистичко, правниот естаблишмент остана полиберален. Судската заштита на човековите и малцинските права ги фрустрира оние од десницата кои мислат дека треба да овозможат промена на политиката со своите гласови.
Израелскиот институт за демократија во соопштението рече дека одлуката на судот „поставува преседан“ и ја нагласи потребата земјата да усвои уставна рамка.
„Сега, повеќе од кога било, бидејќи нашите синови и ќерки се на првите линии борејќи се за нашата земја, критично е да знаат дека израелската демократија е силна и непобитна.
Израел нема устав или закон што ги дефинира судските ревизии. Тој има збир на „фундаментални закони“ на кои, во последните три децении, високиот суд се потпираше за да ја мери уставноста.
„Вечерва судот пресуди дека постојат непишани принципи, фундаментални вредности на демократијата кои ги ограничуваат овластувањата на парламентот“, рече Медина.