Емануел Макрон го назначи својот 34-годишен соработник на позицијата француски премиер со цел да се обиде да ѝ даде нов момент на неговата влада неколку месеци пред изборите за Европскиот парламент, велат од партијата на претседателот.
Габриел Атал, кој сега ја извршува функцијата министер за образование, ќе стане првиот отворен хомосексуалец на чело на француската влада и најмлад човек на таа позиција во модерната историја.
Ѕвездата во подем во француската политика ќе ја преземе новата улога по тешката година за Макрон, исполнета со поларизирачки конфликти околу пензиите и имиграцијата што го тестираа капацитетот на претседателот да ги спроведе реформите. Во исто време порасна и поддршката за десничарската партија Национален собир.
Иако мандатот на Макрон трае уште три години, тој веќе е загрижен за неговото наследство и дали ќе го наследи националистката Марин Ле Пен, која ја победи на двата претходни претседателски избори. Европските избори најавени за јуни ќе бидат пробен тест за популарноста на Националниот собир. Изгледите на Макрон засега не се добри, бидејќи партијата на Ле Пен е пред неговата во анкетите.
„На Макрон апсолутно му треба нов почеток“, рече Мелоди Мок-Грует, експертка за парламентарни прашања од Париз. „Со оглед на општата заситеност на Макрон во оваа фаза, дури и не е сигурно дека промената на премиерот би можела да биде доволна за повторно да заблеска неговата ѕвезда“, додаде таа.
Популарноста на Атал во Франција порасна откако тој го презеде Министерството за образование во јули. Тој го забрани носењето абаја во училиштата, рече дека сака да го проба воведувањето училишни униформи и го помести датумот на познатите француски додипломски испити за подоцна во академската година.
Тој порано беше член на Социјалистичката партија, но му се приклучи на движењето на Макрон пред претседателските избори во 2017 година. Оттогаш тие двајца се пријатели.
Образован на престижниот универзитет „Сајансес По“ (Sciences Po), тој е еден од ретките министри што останаа во владата по реизборот на Макрон во 2022 година, работејќи и како владин портпарол и како помлад министер за буџет.