По 17 години, го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, долги години посветено работеа, рече во своето воведно обраќање премиерот, Димитар Ковачевски на првата меѓувладина конференција.
Според Ковачевски, Северна Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство.
„Ние сме Европа во мало, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија и активно работиме за да изградиме општество во кое има место за сите. Ние практично и секојдневно го живееме мотото на Европската Унија, ние сме обединети во различностите и длабоко се гордееме со истите“, додаде тој.
Премиерот потенцира дека посветено се работи на надминување на предизвиците и унапредување на односите со соседите преку имплементација на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхагенските критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност“, подвлече Ковачевски.
Напомена оти е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Со нетрпение, посочи, го чека денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија.
Денешното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. Тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на заедничката меѓувладина конференција.
Таа нагласи дека притоа двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество и со бројни реформи и ги модернизирале економиите.
„Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ, туку пред се затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целот пат и ќе продлжиме така“, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК се осврна и на меѓувладината конференција што ќе се одржи во Брисел.
„По нејзиното одржување, Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија, од спогодби преку законодавство, меѓународни договори и ќе продлжиме многу брзо со сето тоа“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ќе се продолжи заедно и одблизу да се работи во повеќе клучни области. Претседателката на ЕК посочи дека со отворањето на пристапниот процес ќе се зголеми соработката онака како што двете земји ќе напредуваат со преговорите.
„Ќе има зголемени инвестиции, ќе има подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области, како што се енергетиката и транспортот. Ќе ја максимизирате употребата, но и ефектот од финансиите од ЕУ. Тоа значи нови работни места, нови бизнис можности и ова она што вашите граѓани го чекаа толку долго и за што работеа толку напорно, и ова е она што го заслужуваат“, рече Фон дер Лајен.
Таа во изјавата им се обрати и на македонскиот премиер, Димитар Ковачевски и на неговиот албански колега, Еди Рама.
„Покажавте лидерство, покажавте визија, покажавте стратешко трпение, особено Еди. И она што е најважно во ова предизвикувачко време со руската брутална војна докажавте одново и одново дека вашата приврзаност кон европските вредности е всушност вистинска, покажавте дека сте вистински пријатели, вистински партнери, рече таа додавајќи дека луѓето од Албанија и Северна Македонија го заслужуваат ова“.