Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, изјави премиерот Димитар Ковачевски по првата меѓувладина конференција во Брисел.
Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени се тешки одлуки кои барале лидерство и храброст, мудрост и одговорност.
„Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото“, рече Ковачевски.
Прочитај повеќе
Ковачевски: Македонскиот ќе биде еден од службените јазици на ЕУ
Премиерот нагласи дека Северна Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство.
19.07.2022
Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености.
„Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара“, посочи тој.
Денеска во Брисел беше најавено дека пристапните преговори ќе бидат строги и ќе бараат голема посветеност. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на меѓувладината конференција накратко го објасни процесот што следува по неа.
„Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на двете земји да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија, од спогодби преку законодавство, меѓународни договори и ќе продлжиме многу брзо со сето тоа“, рече Фон дер Лајен.
За Северна Македонија, следната меѓувладина конференција ќе се одржи откако земјата ќе ги изврши уставните промени. По промената на преамбулата и на амандманот 12 на Уставот, по автоматизам се одржува втората конференција, по која почнува процесот на преговори по кластери и поглавја.
Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, меѓу кои и бугарскиот.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, држава за која денеска исто така започна процесот за пристапни преговори нагласи дека Тирана е свесна оти пред земјата има долг пат.
„Оваа меѓувладина конференција секако не е 'почеток на крајот', туку секоја од нив е 'крај на почетокот' на процесот на пристапување во Унијата и во изградбата на европска и силна Албанија и силен и демократски отворен Западен Балкан“, нагласи тој.