Европските пазари предвидуваат можен нов бран на нестабилност доколку италијанскиот премиер Марио Драги поднесе оставка, само еден ден пред Европската централна банка (ЕЦБ) да ја зголеми цената на долгот за прв пат по една деценија.
Заминувањето на Драги најверојатно ќе доведе до предвремени избори, а политичката нестабилност во Италија веќе го прошири распонот меѓу германските и италијанските обврзници.
Развојот доаѓа во незгодно време бидејќи пазарите веќе се вознемирени поради неизвесноста околу идните испораки на руски гас.
За економските аналитичари, ова е време за обложување на италијанските обврзници.
„Доколку Драги замине, ќе видиме уште поголем ефект на пазарот, пред сè во цената на долгот. Сè уште гледаме негативен тренд за периферни обврзници (на еврозоната)“, рече Цезар Перез Руиз од Pictet Wealth Management.
ЕЦБ в четврток ќе донесе одлука за зголемување на каматната стапка за 25 или 50 базични поени, а треба да објави и нов инструмент чија цел е да се спречи фрагментацијата на цените на долгот меѓу членките на еврозоната.
Зголемувањето на каматната стапка за 50 базични поени би имало негативен ефект врз обврзниците, но веројатно би го зајакнало еврото, сметаат аналитичарите.
Евентуалното заминување на Драги ја отежнува задачата на ЕЦБ бидејќи новиот монетарен инструмент има за цел да го спречи несаканиот раст на долгот на една земја, а не да го ублажи пазарниот ефект од домашните политички настани.
„Италијанските политички настани веројатно ќе ја ограничат употребата на новата алатка на краток рок, бидејќи ЕЦБ нема да сака да биде вовлечена во домашни политички настани“, вели Дејвид Зан, кој е задолжен за анализа на пазарот на обврзници во Franklin Templeton.