Поранешниот американски државен секретар, Хенри Кисинџер, рече дека геополитичките околности денес бараат „никсонска флексибилност“ со цел да се намалат тензиите меѓу Кина и САД, но и меѓу Русија и остатокот од Европа.
Кисинџер смета дека не треба да и се дозволи на Кина да стане светски хегемон, но предупреди и дека претседателот Џо Бајден не треба да дозволи домашните политички околности да го спречат да ја разбере важноста на кинеското присуство.
„Бајден и претходните администрации беа премногу под влијание на американскиот поглед на Кина“, рече Кисинџер, кој беше заслужен за подобрување на односите меѓу двете земји во 70-тите. „Се разбира, важно е да се спречи апсолутната надмоќ на Кина или која било друга земја“, рече Кисинџер во интервју за Bloomberg.
„Ова, сепак, не може да се постигне преку постојани конфронтации“, додаде тој. Кисинџер претходно предупреди дека лошите односи меѓу Кина и САД може да доведат до катастрофа од размерите на Првата светска војна.
Поранешниот американски претседател, Ричард Никсон, водеше кампања како отворен антикомунист во 60-тите, но тој ја изненади јавноста со неговиот однос кон Кина на Мао Це Тунг, како и неговата посета на Пекинг во 1972 година. Оваа посета е запаметена како пресвртница за двете земји.
Геополитиката и односите на големите сили се главната тема на новата книга на Кисинџер, „Лидерство: Шест студии во светската стратегија“, која се фокусира на шест светски лидери: Конрад Аденауер од Германија, Шарл де Гол од Франција, Анвар Садат од Египет, британската премиерка Маргарет Тачер и првиот премиер на Сингапур, Ли Куан Ју.
За време на неговиот живот, Кисинџер ги запознал сите шестмина лидери, а неговите совети сè уште имаат тежина и во Пекинг и во Вашингтон.
Осврнувајќи се на европските лидери како францускиот претседател Емануел Макрон или германскиот канцелар, Олаф Шолц, Кисинџер рече дека е тажен поради фактот што европските лидери немаат план или мисија како нивните претходници Аденауер или Де Гол.
За најголемата криза во Европа, војната меѓу Русија и Украина, Кисинџер рече дека неговата изјава за преговори и прекин на конфликтот била погрешно протолкувана. Тој смета дека се ближи времето за мировни преговори, но дека дискусиите за иднината на Крим треба да се остават на преговарачката маса. Пред анексијата во 2014 година, Крим беше украинска територија.
Во врска со темата брегзит, Кисинџер рече дека се покажала точна тезата на Де Гол дека Обединетото Кралство никогаш нема да биде сесрдна членка на Европската унија.
На прашањето како би се снашле шесте актери од неговата книга во денешниот свет, Кисинџер одговорил дека Ли најдобро би се снашол на позицијата американски претседател, но и во глобалните напори за спречување на климатските промени.
На прашањето кој би бил најдобар во преговорите со рускиот претседател Владимир Путин, Кисинџер посочува дека Де Гол и Ричард Никсон би биле добри во таа улога.
„Никсон беше претседател со многу добра надворешна политика. Тој се уништи себеси со лоша внатрешна политика“, рече Кисинџер.
Шеговито запрашан за тоа кого најмногу би сакал да изведе на вечера, Кисинџер ја избра Маргарет Тачер.