Американскиот претседател Џо Бајден ги повика членовите на Конгресот да одобрат продажба на воени авиони „Ф-16“ за Турција, откако таа земја даде согласност за влез на Шведска во НАТО.
Бајден писмено им се обрати на конгресмените, а нотата ја проследи до лидерите на Комитетот за надворешни работи на Сенатот и Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
Бајден им стави на знаење на турските власти дека договорот на Анкара да ѝ дозволи на Шведска да влезе во НАТО е предуслов за продажба на тие авиони, а за поврзаноста на двете прашања зборуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во вторникот турскиот парламент гласаше за прифаќање на членството на Шведска во НАТО, упатувајќи ја одлуката на потпис кај Ердоган. Тоа ја остава Унгарија како единствена бариера за проширување на сојузот.
Турција бараше од „Локхид Мартин“ (Lockheed Martin) да купи 40 авиони „Ф-16 блок 70“, како и 79 комплети за модернизирање на нејзината флота уште од 2021 година. Турција сака да ги повлече своите авиони „Ф-4“ и да користи авиони „Ф-16“ додека не биде во можност да произведе сопствен воен авион.
„Ројтерс“ претходно пишуваше за писмото на Бајден до конгресмените. Шведска го започна процесот на пристапување во НАТО по руската инвазија на Украина во 2022 година.