Продолжување на билатералните, пријателски и добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија значи денешното отворање на српскиот Конзулат во Охрид, каде за почесен конзул е избран охриѓанецот Михајло Филев.
На свеченоста присуствуваа министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, вицепремирката Славица Грковска, министрите за правда Никола Тупанчевски и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и други гости.
Билатерланите односи меѓу двете земји, според шефот на српската дипломатија, се добри во многу сегменти, втемелени на заедничка историја и блиските врски на двата народи, но и заедичката определеност за иднина.
„Соработката со соседните земји во чувањето на мирот и стабилноста на регионот, тежнеењето на полноправно членство кон ЕУ, се приоритети на надворешната политика на Република Србија и овие наши приоритети веројатно секој би помислил дека се приоритети и на Република Северна Македонија“, рече Селаковиќ.
Заедничката желба за соработка и зајакнување на мостовите кои не поврзуваат, забележа дека се гледа и низ историската иницијатива на „Отворен Балкан“ каде три држави направија сериозен исчекор во насока на економака соработка и подобрување на квалитетот на живот на сите свои граѓани.
„Институцијата на почесен конзул во Република Србија има долга и богата традиција и големо значење во дипломатско – конзуларните односи. Република Србија денес го добива 86-тиот почесен конзулат во странство. Во нашата земја, во Белград и во другите градови има 35 странски почесни конзулати“, информира шефот на српската дипломатија.
Тој изрази уверување дека отворањето на Конзулатот во Охрид, кој ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа, ќе овозможи унапредување на соработката на Република Србија со Република Северна Македонија.
„Тоа што денес го правиме еден ден ќе биде историја, а на тоа што е историја не можеме да влијаеме, но на ова што го работиме денес ние и тоа како влијаеме и така ја создаваме историјата. Ќе се бориме таа историја да биде проткаена со мир, стабилност, толеранција и пријателски односи“, нагласи Селаковиќ.
Министерката за култура Костадиновска Стојчевска подвлече дека отворањето на Конзулатот е уште една потврда и силен поттик за унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји во сите области од взаемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и посебно во делот на туризмот.
„Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата, кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите сфери на творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји, кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи“, рече министерката за култура.
Најави дека наскоро треба да биде потпишана и новата програма за културна соработка која значително ќе ја зголеми презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.
„Развитокот на културниот простор во кој сложено живееме и во кој учиме едни од други, создава предуслови и за развој на економските и на политичките врски, затоа што, сепак, се почнува со култура и се завршува со култура. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформување на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност“, подвлече Костадиновска Стојчевска.