Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Европскиот парламент потврди дека ќе препорача отворање на преговорите со Босна и Херцеговина. Попладне ќе се одржи седница на Европската комисија на која ќе се донесе одлука за препораката за отворање на преговорите.
„Денеска ќе му препорачаме на Советот да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече Фон дер Лајен. Изјавата беше проследена со аплауз од претставниците.
За оваа препорака следниот вторник ќе одлучува Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни или европски работи на земјите-членки, а потоа и лидерите на земјите-членки, кои ќе се соберат на самитот на 21 и 22 март. Фон дер Лајен рече дека БиХ, откако доби кандидатски статус во декември 2022 година, направила „импресивни чекори“ во европската интеграција.
„Постигнат е поголем напредок за нешто повеќе од една година отколку претходно за десет години“, рече таа. „Прво, Босна и Херцеговина сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика, што е од клучно значење во овие времиња на геополитички превирања. Второ, државата донесе важни закони, како Законот за спречување судир на интереси, кој беше во застој седум години, и Законот за спречување на перењето пари и на финансирањето тероризам“.
Таа исто така изјави дека БиХ го подобрила управувањето со мигрантските текови и дека сега е можно да се започнат преговори со „Фронтекс“, откако претседателството го одобри преговарачкиот мандат.
Како четврти елемент, Министерството за правда на Босна и Херцеговина одлучи да ги вклучи пресудите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во домашната криминална евиденција. „Се разбира, потребен е поголем напредок за приклучување во нашата Унија, но земјата покажува дека може да ги исполни критериумите за членство и аспирациите на граѓаните да бидат дел од нашето семејство“, додаде таа.
„Пораката од Босна и Херцеговина е јасна, затоа нашата порака мора да биде јасна - иднината на Босна и Херцеговина е во Европската Унија“, смета Урсула фон дер Лајен.
Таа истакна дека ЕУ во последните години го сменила пристапот кон Западен Балкан. „Сфативме дека не е доволно да чекаме Западен Балкан да ни се приближи, дека не е доволно да се каже дека вратата е отворена, ние исто така мора да преземеме одговорност и на секој можен начин да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија“.