Во земјава денеска се одржуваат седмите претседателски избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во избирачкиот список за претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Вчера на 31 избирачко место гласаа и нашинци во дијаспората, како и затворениците и болните и немоќни лица.
Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата што во тој момент се затекнале во објектот во кој се гласа.
Овие избори се карактеристични по тоа што првпат од независноста има толку многу кандидати за претседател, изборите се одржуваат во среда, а идентификацијата ќе се врши со апарати за отпечаток од прст. Уникатно е и тоа што кампањата и молкот за претседателските избори се преклопија со кампањата за парламентарните избори на 8 мај.
Претседателските избори, според ДИК, ќе ги следат вкупно 1.601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.
По пребројувањето на гласовите, избирачките одбори се должни записниците и другиот изборен материјал да ги достават до општинските изборни органи во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната Општинска изборна комисија (ОИК) потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ѝ ги предава на Државната изборна комисија (ДИК).
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот што ќе освои мнозинство (50 проценти + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во избирачкиот список. Преточено во бројки, тоа значи дека за победа во првиот круг еден кандидат треба да освои 907.159 гласа.
Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање, во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
Во вториот круг ќе биде избран кандидатот што ќе освои мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 проценти од регистрираните гласачи (725.727) да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполнил двата услова, целата изборна постапка се повторува.
Вториот круг за претседателските избори треба да се одржи на 8 мај, заедно со изборите за пратеници во Собранието.
Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и сегашниот актуелен претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски.
На претседателските избори денеска можат да гласаат и граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност, им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април. Во согласност со преодната одредба од измените на Изборниот законик, која ќе се применува само за изборите годинава, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржувањето на изборите.
Ажурирано со информација за валидноста на личните документи