Израелските војници ја презедоа контролата врз областа на граничниот премин Рафа во Газа во вторникот наутро, а Хамас соопшти дека сите текови на помош од Египет се запрени.
Армијата целосно го запре „движењето на луѓе и помош“, се наведува во соопштението на граничните власти на Хамас. Војниците ги заменија палестинските знамиња со израелски.
Ова е првпат израелската армија да се пресели во областа од почетокот на војната со Хамас во октомври. Границата Рафа, инаку, е главната влезна точка за хуманитарна помош во Газа и единствениот излез што не води кон израелска територија. Со недели САД го повикуваат Израел да дозволи повеќе храна и други резерви во Газа, области за кои Обединетите нации (ОН) велат дека се на работ на глад.
Движењето на војниците дојде еден ден откако израелските одбранбени сили (ИДФ) им порачаа на жителите на источниот дел на Рафа веднаш да го напуштат градот, пред можен напад врз него.
Повеќето арапски и многу европски држави рекоа дека Израел не треба да ја нападне Рафа, плашејќи се дека тоа ќе доведе до масовни жртви. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вели дека Рафа е последниот бастион на Хамас, со околу 5.000 до 8.000 негови борци и клучни лидери што се чуваат во градот, како и многу израелски заложници.
Преговорите за прекин на огнот меѓу двете страни продолжуваат да се одолжуваат, а Хамас во понеделникот вечер објави дека го прифатил предлогот на посредниците - Египет и Катар. Израел го отфрли, велејќи дека содржи барања што еврејската држава не може да ги прифати.