Во Македонија денеска се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори. Гласањето почна во 7 часот. Со право на глас на претседателските избори во избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.815.350 гласачи.
Ден пред изборите, вчера, први гласаа болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и пријавените од дијаспората, но само за претседателските избори.
Државната изборна комисија (ДИК) информира дека вкупниот одзив од гласањето во странство за претседателските избори до 19 часот изнесува 652 гласачи, односно 25,38 отсто. Оттаму напоменуваат дека во овој одзив поради временската зона не се вклучени седум избирачки места во кои сè уште трае гласањето. Во дијаспората не се спроведе гласање за парламентарните избори поради неисполнетост на минималниот број гласачи пријавени за гласање за да може да се спроведе гласањето.
На вкупно 14-те гласачки места во казнено-поправни установи вчера своето гласачко право можеа да го остварат 2.147 гласачи за претседателските избори и 2.140 гласачи за избор на пратеници во Собранието.
„Гласањето таму се одвиваше без проблеми, а до 19 часот, според информациите од избирачките одбори, гласаа 1.298 гласачи или 60,46 отсто од запишаните за претседателските избори, односно 1.397 гласачи или 68,72 отсто за парламентарните избори“, се наведува во соопштението од ДИК.
Во текот на вчерашниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица можеле да го остварат и двајца гласачи што се водат како внатрешно раселени. Овие лица го оствариле своето право и за двата вида избори.
„Гласачкото место во центарот за раселени лица е затворено. Вкупно 534 гласачи што се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа имаа можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени за претседателските и парламентарните избори. Од вкупно 534 гласачи од 20 центри, гласале 401 гласач или 75,09 отсто за претседател на државата, односно 400 гласачи од 20 центри или 74,91 отсто гласале за избор на пратеници“, информира ДИК.
Според информациите од општинските изборни комисии, гласале 8.926 односно 80,45 отсто болни или немоќни лица за претседател на државата, односно 10.036 или 92,04 отсто за пратеници во законодавниот дом.
Државната изборна комисија досега им издаде акредитации за набљудување на двата вида избори на 1.303 домашни и 860 меѓународни набљудувачи и на 83 странски новинари.