Одзивот за вториот круг претседателски избори до 9.00 часот утрово е 4,17 отсто, согласно податоците од 1.009 избирачки места каде гласале 22.797 лица. Најголем одзив е во Пробиштип, 8,85 отсто, дедека најмал одзив е во Боговиње, 0,57 отсто. За парламентарните избори, пак, одзивот е 4,45 отсто, покажуваат податоците од 1.033 избирачки места каде гласале 25.132 избирачи. Одзивот е најголем во Кривогаштани, 9,46 отсто, а најмал во Боговиње, 1,43, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
На првата прес-конференција по почетокот на денешното гласање, Даштевски информира дека сите избирачки места се отворени, а на неколку има технички проблеми кои тековно се решаваат од страна на ДИК. Добиени се и 15 приговори за избирачко право од кои само три се одбиени.
„Споредбено со вториот круг претседателски избори од 2019 година одзивот е намален за 1,99 отсто. Во однос на парламентарните избори во 2020 година исто така има намалување, за 0,74 отсто“, рече Даштевски.
Според него, гласањето на местата каде има технички проблеми ќе продолжи со УВ лампа и спреј, а ако се отстранат недостатоците, ќе проодлжи со техничката опрема. Тие места се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид, 1100 во Куманово, 1977 во Тетово, 2225 во Тетово и 2544 во Гази Баба.