Одзивот на парламентарните избори до 15 часот, според обработените податоци од 93,99 отсто од избирачките места, е 36,75 отсто. Најголем одзив на гласачи има во првата изборна единица, односно 41,78 отсто, додека најмал одзив има во шестата изборна единица, односно 29,34 отсто. Вкупно гласале 631.875 граѓани од 1.815.350 избирачи.
Во меѓувреме, одзивот на претседателските избори до 15 часот, според обработени 93,1 отсто од избирачките места, во споредба со парламентарните избори е помал за 4,77 отсто, односно изнесува 31,98 отсто. Најголем одзив има во Крива Паланка, 58,29 отсто, а најмал во Липково, 5,14 отсто.
„Споредбено со вториот круг од претседателските избори во 2019 година има зголемување на одзивот од 3,39 отсто на овие избори. Додека споредбено со првиот круг од претседателските избори има намалување од 0,84 отсто. Споредбено со парламентарните избори во 2020 година има зголемување на одзивот од 5,66 отсто на овие избори“, информира ДИК.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 405 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 176 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 18 приговори се отфрлени како неуредни, а 58 приговори се одбиени. Другите приговори се во обработка.
Државната изборна комисија потсетува дека овој изборен ден го следат 1.303 домашни и 860 меѓународни набљудувачи, како и 83 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44. на кој заинтересираните граѓани можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија. Исто така активна е и линијата за видеоповик на бројот 076 488 360, преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат во текот на изборниот ден преку видеоповик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.