Гордана Силјановска-Давкова, според неофицијалните резултати од денешните избори, ќе биде нова претседателка на Македонија. Од обработени податоци од 91,99 проценти од избирачките места, Силјановска-Давкова освои 506.955 гласа односно 64,93 проценти, а нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски освои 228.987 гласа или 29,33 проценти.
„Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние што не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство ако држи партиски линии“, изјави Гордана Силјановска-Давкова.
На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ таа рече дека портите на „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.
Прочитај повеќе
Гордана Силјановска-Давкова има голема предност на претседателските избори
За претседател во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот што ќе добие мнозинство од гласовите.
08.05.2024
ДИК: Фер и демократски избори во Македонија со солиден одзив
Најголем одзив на претседателските избори има во Новаци (72,76 проценти), а најмал одзив во Липково (7,35 проценти).
08.05.2024
Исполнет цензусот за претседателските избори
Најголем одзив за претседателските избори има во Новаци (66,47 проценти), а најмал одзив во Липково (6,48 проценти).
08.05.2024
„Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, ќе го вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста“, рече таа.
Силјановска-Давкова дополни дека мора да се обидеме да ѝ ставиме крај на балканизацијата, да си помагаме едни на други, да бидеме политичари.
„Затоа ние мора да почнеме да се разбираме меѓу себе, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка“, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а Брисел, како што наведе, е неизоставен.
Силјановска-Давкова истакна дека ќе ги брани државните и националните интереси.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години“, изјави вечерва на прес-конференција Стево Пендаровски, кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата, кој се тркаше за втор мандат.
„Мојот концепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евроатлантските структури, за жал, не доби поддршка и длабоко сум уверен дека само таква Македонија може да биде успешна“, рече Пендаровски.
Длабоко сум уверен, продолжи Пендаровски, дека само таква Македонија може да биде успешна и мојата совест е чиста, но не верувам дека им е чиста на оние што, тргнувајќи од теснопартиски и лични интереси, денеска ефективно спречија илјадници граѓани да го земат и второто ливче и да гласаат за претседателските избори, осврнувајќи се на бојкотот на претседателските избори.
Пендаровски им се заблагодари на сите учесници што овозможија овој изборен ден да се одвива во демократска атмосфера, а за некои нарушувања, истакна тој, „оставаме надлежните институции да го решат тоа“.