Франција и Германија се навикнати да ги остваруваат своите цели на сцената на Европската Унија. Но кога двете најголеми економии во блокот се појавија на клучниот самит на Европската Унија во четвртокот, расеани од сопствените внатрешни проблеми, им беше потешко да се наметнат.
Другите земји членки реагираа бесно кога претседателот Емануел Макрон и канцеларот Олаф Шолц се обидоа да извршат промени во последен момент на нивните долгорочни политички приоритети, според извори што зборуваа под услов да останат анонимни поради доверливи преговори. Речиси сите амандмани на Франција и на Германија беа отфрлени.
Ретко се случува предлог од двете најголеми земји членки да предизвика толку силна реакција, вели еден дипломат од ЕУ. Сепак, и двајцата лидери пристигнаа на самитот ослабени од нивните порази на европските избори неделава.
Конфликтот настанал за време на дискусијата за т.н. стратегиски план на ЕУ, кој ги поставува принципите за тоа како ЕУ ќе одговори на нејзините најголеми предизвици, како што се имиграцијата, климата и војната во Русија. Макрон и Шолц побарале промени во формулацијата на чувствителните теми како што е одбраната.
Повеќе отколку за самите промени, сепак, другите лидери беа лути поради начинот на кој се бараат промените во последен момент, според голем број дипломати, имајќи предвид дека документот веќе бил темелно преговаран на почетокот на неделата. На крајот се согласија само на мали корекции.
„Никој не беше расположен да го промени целиот текст“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен. Официјален Берлин рече дека тие само се обидуваат да донесат јасност во тежок процес.
Исцрпени министри
По слабиот резултат на изборите за ЕУ, францускиот претседател распиша парламентарни избори. Идејата беше да го оживее своето политичко богатство со раздвижена кампања, но анкетите укажуваат дека тој се соочува со уште еден крупен пораз, што може да ѝ ја предаде власта на екстремно десничарската Марин Ле Пен.
Непредвидливото однесување на двете најголеми сили во блокот ги загрижува лидерите на ЕУ додека се обидуваат да се справат со растечкиот список на предизвици, од руската агресија во Украина до трговските тензии со САД и Кина и слабиот економски раст.
Шолц по самитот навести дека со Макрон разговарал за ситуацијата во Франција, без да открие детали.
„Се разбира, сите зборуваат за тоа“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан за претстојното гласање во Франција при пристигнувањето на самитот во четвртокот.
Француските министри изгледаа исцрпено за време на состаноците во Брисел неделава, според еден дипломат на ЕУ, останувајќи еден час, а потоа брзаа да работат на кампањата.
Еден дипломат изрази загриженост за влијанието што последователните порази ќе го имаат за Макрон на идните самити, кога тој речиси сигурно дополнително ќе биде ослабен. Лице блиско до тимот на Макрон рече дека расположението меѓу француските претставници е мрачно.
За дополнително да ја зајакне својата позиција пред изборите во Франција, Макрон ги објави плановите за повторно назначување на неговиот сонародник Тиери Бретон на една од главните позиции во ЕУ, изјави тој за новинарите по состанокот.
„Тој има искуство и квалитет“, рече Макрон, напаѓајќи ја „ароганцијата“ на неговите противници што подготвуваат планови за назначување на кабинетот пред Французите да го дадат својот глас.
Доколку Националното обединување на Марин Ле Пен освои апсолутно мнозинство на парламентарните избори, чиј прв круг е в недела, евроскептичната партија би можела да именува премиер и да има влијание врз клучните европски назначувања. Шеесет и деветгодишниот Бретон моментално ја извршува функцијата комесар за внатрешен пазар.