Венко Филипче е избран за нов претседател на СДСМ на вонредните внатрепартиски избори со над 9.000 гласа од вкупно излезени 12.200 гласачи од запишаните 23.000.
Филипче изјави дека СДСМ докажал дека има демократски капацитет и високо ниво на професионализам.
„Ценам дека е спроведен беспрекорен изборен ден и целосно легитимен изборен процес. Сакам да им честитам и на моите сопартијци кои беа дел од оваа изборна трка. Драго ми е што имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Од оваа кампања верувам дека сите научивме по нешто и сечиј придонес беше важен, СДСМ уште еднаш го покажа својот демократски капацитет кој како иден претседател ќе го негувам и унапредувам“, рече Филиче упатувајќи благодарност до сите кои гласаа на изборите.
Вети дека ќе направи сѐ за да не ја изневери добиената доверба и на она на што се обврзал.
„Оваа победа за мене е огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите наши граѓани и кон нашата држава. Вечерва во СДСМ победи професионализмот, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира партијата. Моја цел е да ги внесам во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот - принципите на заедништво, другарство заемна почит и отворена комуникација“, рече Филипче.
Нагласи дека нема време за славење, туку дека сега е време за обнова на СДСМ и за многу работа.
„Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно, но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај нашите членови освен да направиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме, ниту да бидат половични, туку вистински и искрени за да може полека но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните“, рече Филипче според кого ако успеат во тоа партијата ќе биде уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок.