Руското обвинителство побара од судот да го осуди новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович на 18 години затворска казна во казнена колонија поради шпионажа, објави новинската служба Интерфакс.
Судот ќе ја објави својата пресуда во судскиот процес за шпионажа подоцна во петок, според Интерфакс. Сослушувањето зад затворени врати во Регионалниот суд во Свердловск во Екатеринбург претходно беше поместено речиси еден месец од првично закажаниот датум на 13 август.
Гершкович (32) и весникот ги негираа обвинувањата на руската Федерална служба за безбедност дека шпионирал за ЦИА кога бил приведен за време на известување во март 2023 година.
Пресудата во случајот може да постави терен за Русија и САД да преговараат за потенцијален договор за екстрадиција во кој ќе биде вклучен Гершкович, бидејќи руските официјални лица рекоа дека разговорите за евентуален договор за екстрадиција би можеле да се одржат само по завршувањето на судењето. Ова е првпат по Студената војна, Русија да му суди на американски новинар за наводна шпионажа, што носи 20-годишна затворска казна.
Стејт департментот официјално го прогласи Гершкович „незаконски притворен“, дозволувајќи им на САД да преговараат во негово име.
Руското кривично гонење речиси секогаш завршува со осуда на обвинетиот. Пред почетокот на судењето, главната уредничка на весникот, Ема Такер, рече дека „лажното обвинение за шпионажа неизбежно ќе доведе до лажно осудување за невин човек кој потоа ќе се соочи со 20 години затвор само затоа што ја извршува својата работа“.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека со САД се разговара за договор за размена на Гершкович. Рускиот лидер на состанокот со странските медиуми на 5 јуни рече дека САД преземаат енергични чекори за да обезбедат ослободување на новинарите.
Русија претходно сугерираше дека бара враќање на Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиството на поранешен чеченски бунтовник во Берлин во 2019 година.
Американската ВНБА-ѕвезда Бритни Гринер беше разменета за озлогласениот руски дилер на оружје Виктор Бут во 2022 година. Друг Американец, поранешниот маринец Пол Вилан, останува во затвор откако беше осуден на 16 години во 2020 година под обвинение за шпионажа што тој ги негира. Вилан беше уапсен во декември 2018 година додека присуствуваше на свадба во Москва.