Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој навестува дека планира повторно да се кандидира за функцијата во 2024 година, беше јасен избор во претседателската анкета меѓу учесниците на Конференцијата за конзервативна политичка акција (Conservative Political Action Conference / CPAC), победувајќи го гувернерот на Флорида, Рон Десантис.
Трамп имаше рејтинг на одобрување од 99 отсто и беше изборот на 69 отсто од околу 1.000 присутни на конференцијата во Далас, кои гласаа, а следен беше Десантис со 24 отсто. Сенаторот од Тексас, Тед Круз, имаше два отсто, а другите потенцијални кандидати еден отсто или помалку.
Во посебно прашање без Трамп како кандидат за 2024 година, Десантис беше убедливиот избор со 65 отсто, а по него синот на поранешниот претседател, Доналд Трамп Џуниор со 8 отсто, Круз со 6 отсто и поранешниот државен секретар, Мајк Помпео со 5 отсто.
Иако нема научна тежина, анкетата објавена во саботата е показател за расположението меѓу активистите на Републиканската партија и гласачите од народот. Републиканците гледаат на резултатите од анкетата за да ја проценат положбата на Трамп и неговите потенцијални ривали во 2024 година, особено Десантис, кој не присуствуваше на конференцијата.
Поддршката за Трамп беше малку променета од 70-те отсто што ги доби во анкетата направена на CPAC собирот во 2021 година во Далас минатиот јули и беше повисока од 59-те отсто од CPAC анкетата во февруари, на настанот во Орландо.
Трамп рече дека веќе донел одлука дали ќе поднесе уште една кандидатура за Белата куќа, а единственото прашање е кога ќе ја објави - пред или по среднорочните избори во ноември.
Анкетата на CPAC, исто така, побарала од присутните да одговорат кого би сакале да го видат како потенцијален против-кандидат на Трамп. Десантис бил убедливиот избор со 43 отсто, следен од гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем со 9 отсто и Помпео со 7 отсто.