Федерални агенти во понеделникот извршиле рација во резиденцијата на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, на Флорида, како дел од истра за тоа дали тој зел доверливи документи од Белата куќа кога ја напуштил функцијата, што е експлозивен развој на настаните кој ја става во ризик неговата можна кандидатура за претседател во 2024 година.
Трамп, кој бил во Њујорк за време на рацијата, во соопштение посочи дека агентите на Федералното истражно биро го пребаруваат неговиот имот во Мар-а-Лаго. Департментот за правда одби да ја коментира изјавата на Трамп, но лице запознаено со истрагата рече дека таа е поврзана со потенцијално неправилно ракување со податоци.
Рацијата започнала утрото и траела до 18 часот, посочил изворот.
„Мојот прекрасен дом, Мар-А-Лаго во Палм Бич, Флорида, моментално е под опсада, рација и окупиран од голема група агенти на ФБИ“, истакна Трамп во изјавата во понеделникот. Тој не посочи што конкретно бараат агентите. „Ми упаднаа дури и во сефот!“, доаде поранешниот претседател.
Локацијата на сефот во Мар-а-Лаго е цврсто чувана тајна, според неколку луѓе запознаени со ова прашање, кои рекоа дека некои од најблиските соработници на Трамп не биле свесни за неговото постоење.
Рацијата во понеделникот е поврзана со барањето од Националната управа за архиви и евиденција до Министерството за правда да го разгледа трансферот на претседателските документи во Мар-а-Лаго, вклучително и доверливи материјали. Управата за архиви во јануари извлече 15 кутии со записи од Мар-а-Лаго. Трамп ги предаде тие документи дури откако се соочи со можни правни мерки.
Трамп е застапуван од Еван Коркоран и Џон Роули во разговорите со федералните обвинители, според лице запознаено со ситуацијата. Ниту еден не одговорил на барањата за коментар.
Потрагата е неверојатен развој во тековните правни битки во кои е вклучен поранешниот претседател, додека тој најавува уште една кандидатура за Белата куќа во 2024 година и се однесува како предводник на републиканските прелиминарни избори за среднорочните избори во ноември. Овој развој на настаните доаѓа и во момент кога Комитетот за упадот од 6 јануари и федералните истражители ги разгледуваат дејствијата на лица од потесниот круг на Трамп, поврзани со фаталниот бунт во Капитол.
За време на неговото претседателствување, Трамп чуваше различни документи, вклучувајќи исечоци од вести, белешки, а понекогаш и доверливи документи, складирани во посебен куп. Некои од тие содржини биле меѓу документите спакувани во кутии и однесени во Мар-а-Лаго кога тој ја напуштил функцијата.
Трамп ја искористи рацијата за да се претстави како политичка жртва, велејќи дека ова се прави за попречување на неговата потенцијална кандидатура преку „користење на правосудниот систем како оружје“. Поранешниот претседател се пожали дека е малтретиран од демократите кои очајно не сакаат да се кандидира за претседател во 2024 година.
Предводникот на малцинството во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, републиканец од Калифорнија, преку „Твитер“ упати порака до државниот обвинител, Мерик Гарланд, „да ги зачува документите и да го исчисти својот календар“, додавајќи дека републиканците „ќе извршат непосреден надзор“ врз работата на Министерството за правда доколку ја преземат контролата врз Домот на изборите во ноември.
Официјален претставник на Белата куќа рече дека нема известување за акцијата и сите прашања за рацијата ги упати до Министерството за правда, кое одби да коментира. Комитетот на Претставничкиот дом што го истражува бунтот на 6 јануари, исто така, одби коментар.