Израел ги засили своите најтешки воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан од 2006 година, откако ја собори првата ракета што милитантната група некогаш ја истрелала кон Тел Авив.
Сирените за воздушен напад се активираа во комерцијалниот главен град на Израел рано во средата, додека проектилот летал над централните делови на земјата, соопшти војската. Хезболах, организација поддржана од Иран, изјави дека цел било седиштето на Мосад, израелската агенција за надворешно разузнавање, во предградијата на Тел Авив.
САД, Европа и арапските држави се обидуваат да го смират растечкиот конфликт и да спречат израелска копнена офанзива на Либан, што би можело да има големи човечки и економски последици. Таквото сценарио може да предизвика регионална војна со ризик Вашингтон и Техеран да се вмешаат во директен конфликт.
Прочитај повеќе
Истакнат командант на Хезболах убиен во израелски воздушен напад
Израел уби истакнат командант на Хезболах во воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут.
21.09.2024
Кому да му се верува кога пејџерите експлодираат
Илјадниците пејџери и други уреди што експлодираа во Либан неделава претставуваат нова и смртоносна ескалација во користењето на синџирите за снабдување.
20.09.2024
Мосад со експлозивни пејџери против раководството на Хезболах
Околу 3.000 луѓе, вклучително и стотици претставници на Хезболах, беа повредени, а неколкумина загинаа низ Либан во вторникот, кога пејџерите што ги користат за комуникација експлодираа.
18.09.2024
Израел возврати на нападот на Хезболах
Претходно, Хезболах истрела 320 ракети во Израел
25.08.2024
Околу 570 лица загинаа откако Израел започна масивно бомбардирање на јужен Либан и долината Бекаа на североисток во понеделникот, според либански владини претставници, бројка што вклучува најмалку 50 деца. Повеќе од 1.800 луѓе се ранети. Израел ги прошири своите цели во средата, напаѓајќи град северно од Бејрут и изведувајќи напад југоисточно од либанската престолнина.
Хезболах во вторникот истрела околу 300 ракети кон северен Израел, соопшти израелската војска. „Израел електрик“ (Israel Electric Corp.), најголемиот снабдувач со електрична енергија во земјата, изјави дека „стратегиски“ објект бил цел на нападот, но нема предизвикана штета. Во средата милитантната група истрела ракета кон северниот град Сафед без да предизвика жртви.
Жариштата на конфликтот се преместуваат на север
Либан е на „работ“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во вторникот на годишниот самит на организацијата во Њујорк. „Народот на Либан, народот на Израел и народот на светот не можат да си дозволат Либан да стане уште една Газа“.
Американскиот претседател Џо Бајден, во своето последно обраќање пред генералното собрание, повторно повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа како начин за намалување на тензиите во поширокиот регион. Хезболах започна да истрелува ракети кон Израел веднаш по почетокот на тој конфликт во октомври, борејќи се во солидарност со својата сојузничка група поддржана од Иран. И Хамас и Хезболах се сметаат за терористички организации од страна на САД.
Меѓутоа шансите за брзо примирје во Газа изгледаат мали. Преговорите посредувани од САД, Катар и од Египет се во застој неколку месеци, без знаци за брз напредок.
Саудиска Арабија предупреди на „опасностите од ширење на насилството низ регионот“. Министерите за надворешни работи на Египет, Јордан и на Ирак во заедничко соопштение наведоа дека Израел „го турка регионот кон сеопфатна војна“.
Израел вели дека неговите напади врз Либан се насочени кон цели на Хезболах и имаат цел да ги отстранат борците на групата од областа на границата меѓу Израел и Либан. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој треба да отпатува во Њујорк за да зборува во ОН во текот на неделава, се обидува да им овозможи на десетици илјади раселени Израелци да се вратат во своите домови на северот од земјата. Сличен број луѓе мораа да побегнат од јужен Либан.
Израелските напади врз Либан започнаа неколку дена по нападот во кој илјадници пејџери и воки-токија во сопственост главно на членови на Хезболах во земјата експлодираа. Хезболах и Иран го обвинија Израел, кој ниту ја потврди ниту ја негираше својата вмешаност. Израел подоцна уби врвни воени команданти во Бејрут во воздушен напад.
Израел уби истакнати и вредни членови на Хезболах, но тоа нема значително да ја ослаби групата, рече врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Израелското бомбардирање врз Хезболах „не може да остане без одговор“, изјави претседателот на Иран, Масуд Пезешкиан, во говор на собирот на ОН.
Нетанјаху и неговите генерали изгледа веруваат дека можат да го потиснат Хезболах само со воздушна кампања и да избегнат испраќање трупи во јужен Либан. Сепак, израелските власти велат дека се подготвени да испратат војници преку границата доколку го сметаат тоа за неопходно.
Бејрут не беше цел на големо бомбардирање, но Израел го нападна неколкупати во изминатите два дена, наизглед насочувајќи ги нападите кон специфични команданти на Хезболах. Во вторникот во една таква операција војската го уби Ибрахим Мухамед Кабиси, шеф на силите за проектили и ракети на Хезболах.
„Секоја сила на Хезболах што може да ја сретнете ќе биде уништена“, им рече министерот за одбрана Јоав Галант на израелските војници, додавајќи дека израелските сили се зајакнати од борбите против Хамас во Газа веќе речиси една година.
Израел верува дека во изминатата недела уништил околу половина од ракетите на Хезболах со краток дострел, кои можат да летаат до 45 километри, како и нивните еквиваленти со среден дострел, кои можат да погодат цели на 125 километри оддалеченост, според израелски службеник што побара да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето.
Непријателствата веројатно ќе ја влошат економската и политичката криза што го зафати Либан околу пет години. Инфлацијата во земјата е 35 отсто, а Либан - под влада во технички мандат - не може да ги исплати обврските во однос на меѓународните долгови вредни десетици милијарди долари.