САД го проширија опсегот на своите санкции кон иранскиот нафтен и гасен сектор како одговор на нападот со балистички ракети врз Израел, зголемувајќи го на тој начин економскиот притисок врз Техеран во пресрет на израелската одмазда, која се очекува секој ден.
Според акцијата објавена синоќа, Министерството за финансии се повика на извршната наредба од времето на администрацијата на Трамп, која дозволуваше санкции за која било област од иранската економија за да се скрати нејзиното финансирање злонамерни активности. Потегот значи ограничување на нафтениот и петрохемискиот сектор во земјата, дозволувајќи санкции за сите поврзани субјекти.
Инаку, се очекува Израел во секој момент да го нападне Иран во знак на одмазда за нападот со балистички проектили од 1 октомври што погоди израелски цели и предизвика штети. САД извршија притисок врз Израел да не го цели на иранскиот енергетски сектор или нуклеарните локации поради страв од ескалација и глобални економски последици.
Наместо тоа, американските официјални лица понудија да воведат нови економски санкции, рекоа луѓе запознаени со ова прашање.
„Новите санкции им овозможуваат на САД поефективно да целат на иранската трговија со енергија“, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан. Исто така, санкционирани беа 17 брода и 10 субјекти поврзани со флотата танкери што испорачуваат иранска нафта, вклучувајќи и во Кина.
Американското министерство за финансии посочува дека овој потег дозволува да воведат санкции за секое лице решено да работи во нафтените и петрохемиските сектори на иранската економија.
Доцна во четвртокот израелскиот безбедносен кабинет се состана за да разговара за потенцијална акција против Иран, но не донесе одлука што да се прави, вели израелски официјален претставник.
Бродовите и компаниите што беа санкционирани во петокот се наоѓаат во Хонгконг, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Малезија и на други места. Кинеските купувања на иранска нафта се зголемија од 2021 година, покажува анализата на Управата за енергетски информации. Најголемиот дел од извозот на нафта на Иран оди во Кина, која инаку покажа мала подготвеност да ги почитува американските санкции.
Овој потег е последен во низата обиди, кои датираат од времето на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп да ја задуши способноста на Иран да финансира прокси-војски, вклучувајќи ги и Хамас и Хезболах, и неговата програма за балистички проектили. Во 2020 година, кога Трамп ја потпиша оригиналната извршна наредба цитирана и во вчерашната одлука, таа беше поздравена како голем чекор за задушување на финансиите на земјата.
Но Иран продолжи да ја гради својата програма за балистички проектили, како и да финансира прокси-организации што се означени како терористички од страна на САД и Европската Унија (ЕУ). Нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври лани предизвика израелска акција во која загинаа околу 42.000 луѓе во Појасот Газа, управуван од Хамас.
Израел во последните недели ги засили и нападите врз Хезболах во Либан, при што беа убиени Хасан Насрала и многу други високи лидери на организацијата.