Руските државни и други глобални медиуми јавуваат дека во експлозија на подметната бомба во автомобил загина ќерката на десничарскиот руски политички теоретичар, Александар Дугин.
Теренското возило со кое управувала Дарја Дугина, експлодирало за време на возење на дваесетина километри западно од Москва. Според информациите кои ги објави руската агенција ТАС, автомобилот Toyota Land Cruiser му припаѓал на Дугин кој требало со ќерката да се врати дома од настан на кој присуствувале двајцата, но тој „тргнал по друг пат“. Во медиумите се шпекулира дека метата всушност, бил самиот Дугин.
За него се верува дека е близок до рускиот претседател Владимир Путин и дека има влијание врз неговите ставови. САД го ставија на листата санкционирани личности во 2015 година заради наводното делување во руската анексија на Крим. Ќерката Дарја Дугина се најде на листата санкционирани во САД и Велика Британија годинава. Велика Бртанија ја обвини за ширење дезинформации за руската војна во Украина како уредничка на интернт страницата United World International.
BBC пишува дека и покрај тоа што нема официјална позиција во владата на Путин, Александар Дугин е близок до него и дури го нарекуваат „Распутин на Путин“. Се смета дека неговите текстови имаат значајно влијание врз погледите на Владимир Путин и се смета за главен интелектуален архитект со ултранационалистичка идеологија која ја заговараат многумина во Кремљ.
Дугин со години ја повикува Москва поагресивно да се претстави на глобалната сцена и ја поддржува руската воена акција во Украина.