Американската администрација на претседателот Џозеф Бајден планира да побара од американскиот Конгрес да одобри продажба на оружје на Тајван во вредност од 1,1 милијарда долари, вклучувајќи 60 противбродски проектили и 100 ракети воздух-воздух, објави порталот „Политико“, повикувајќи се на информирани извори.
Извори, кои побарале да останат анонимни поради чувствителноста на прашањето, информираат дека фокусот треба да биде на одржување на постојните воени системи на Тајван за исполнување на редовните задачи, наместо да се развијат нови системи и способности кои најверојатно ќе ги разгорат тензиите со Кина.
Американските власти ја нагласуваат нивната континуирана поддршка за владата во Тајпеј, а одредени точки во процесот на одобрување помош за Тајван би можеле да бидат објавени во наредните недели или месеци.
Пекинг организираше досега невидени поморски и воздушни вежби околу островот кој го смета за своја територија, во знак на протест против посетата на Тајпеј на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси овој месец, со што тензиите се зголемија на највисоко ниво во последните децении.