Германија и Франција сакаат Европската унија да направи раздор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и рускиот народ, со антипропагандна кампања во Русија и визна политика која сугерира дека Европа е сè уште отворена за обичните граѓани.
Во заеднички неофицијален документ, т.н. нон-пејпер, насловен „Одбрана на меѓународниот поредок во ера на системско ривалство: односи меѓу ЕУ и Русија“ (на англ. Defending the international order in an age of systemic rivalry: EU-Russia relations), Франција и Германија тврдат дека ЕУ треба да продолжи со потрагата по креативни начини за пренос на објективни информации во и надвор од Русија, се наведува во копија од документот до кој Bloomberg имал пристап. Нон-пејпер е неофицијален документ подготвен од технички експерти на земјите-членки на ЕУ за дискусии зад затворени врати.
Двете земји сакаат отворена комуникација со руската влада, иако бараат повеќе санкции против руските претставници и продолжуваат да обезбедуваат финансиска и воена помош за Украина.
Документот бил доставен до земјите-членки на Европската унија пред состанокот на министрите за надворешни работи во Прага. Средбата се одржува денеска и утре, а на неа ќе се разговара за забраната за издавање визи за руските туристи. Балтичките земји инсистираа на воведување забрана за визите за ЕУ за руските туристи, но германскиот канцелар Олаф Шолц повика на претпазливост.
Француско-германскиот нон-пејпер ја нагласува „трансформативната моќ на живеењето во демократски системи од прва рака“, додавајќи дека земјите се претпазливи за далекосежни визни ограничувања, „за да спречат да придонесат кон рускиот наратив и за да не се активира ефектот на зголемениот национализам или отуѓување на идните генерации“.
„Технички мерки“
Планот за спротивставување на домашната пропаганда би можел да вклучи „технички мерки против руската цензура, преку центри за заобиколување на цензурата на интернет“ (англ. Internet Censorship Circumvention Hub) се вели во документот, како и обезбедување на содржини на руски јазик за малцинствата што зборуваат руски јазик во странство. Друг предлог е финансирање на курсеви за медиумска писменост на руски јазик, кои блогерите би можеле да ги презентираат на платформи како „Јутјуб“ (YouTube), „Фејсбук“ (Facebook), „Тикток“ (TikTok), „Телеграм“ (Telegram) или „Вконтакте“ (Vkontakte), стои во неофицијалниот документ.
Притоа, ЕУ треба да ја намали комуникацијата со Русија, со цел да се намали ризикот од случајна ескалација и да се обезбеди „минимална соработка“ во областите каде што се преклопуваат интересите, како што се Советот за безбедност на ОН или нуклеарниот договор со Иран, сe наведува во француско-германскиот документ.
Францускиот претседател Емануел Макрон поради честите разговори со Путин доби критики дека е премногу мек кон рускиот претседател. Оттогаш, претседателот се бранеше, велејќи дека се надева дека ќе направи чекор напред со Путин „преку доверба и разум“.