Со почетокот на новата учебна година 2022/2023 Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на патиштата почнаа со превентивни активности под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, кои ќе се реализираат во текот на целата учебна година. Целта на кампањата е да се запознаат децата со основните правила и прописи во сообраќајот заради осигурување на нивната безбедност, но и да се подигне свеста кај возачите кога управуваат возило во близина на училишта и градинки. Денешната превентивна активност беше реализирана во основното училиште „Димитар Миладинов“ во скопската општина Центар.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска им посака среќна и безбедна учебна 2022/2023 година на учениците и ја истакна потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.
„Да ги потсетиме возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни во близина на воспитно-образовните установи. На децата кои возат велосипед или тротинет им се препорачува да носат заштитен шлем – кацига. Децата кои пешачат да ја поминуваат улицата само на обележан пешачки премин, да не претрчуваат преку улица, да преминуваат улица само кога свети зеленото светло на пешачкиот семафор,да не користат мобилен телефон или слушалки при преминување на улица и сл.“, рече Кожуваровска.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски потенцира дека сите учесници во сообраќајот се одговорни за безбедноста и особено треба да бидат внимателни кога поминуваат покрај училишта и градинки.
„Денеска со нашите нови пријателчиња од ОУ „Димитар Миладинов“ учевме како безбедно да ги поминуваме улиците. Сообраќајната култура се стекнува уште од мали нозе. И благодарам на директорката на училиштето и на родителите кои се вклучија во нашите активности за побезбеден сообраќај. Апелирам до сите граѓани и институции да се вклучат во нашите активности и сите заеднички да обезбедиме побезбеден сообраќај. Особено да внимаваме кога возиме покрај училишта и градинки, а за поголема безбедност МВР го засили присуството токму во близина на ваквите објекти. Ја користам оваа прилика да им посакам среќна и безбедна учебна година на сите ученици“, рече Ангеловски.