Многу е веројатно дека претставниците на Групата седум ќе се договорат за ограничување на максималната цена на руската нафта, мерка за која САД се надеваат дека ќе ги намали притисоците на светскиот пазар и ќе ги намали приходите на Москва.
Министрите за финансии на Г-7 ќе се сретнат подоцна во текот на денот, кога се очекува официјално да го поддржат планот, изјави за Bloomberg извор запознаен со преговорите. Планот на групата, кој е дел од пошироките напори да се казни Русија за нејзината воена инвазија на Украина, ќе им овозможи на купувачите на нафта да продолжат да добиваат клучни услуги како што се финансирање и осигурување за танкери, по ограничени цени.
Откако ќе биде официјално воспоставена поддршка на ниво на Г-7, дипломатите ќе имаат задача да ги убедат другите членки на Европската унија да го дополнат шестиот пакет санкции против Русија, а тоа можеби и нема да се одвива така лесно. Тој пакет, кој забранува купување на руска нафта од 5 декември, вклучува и забрана за користење на гореспоменатите услуги на европските компании за земјите кои не се членки.
САД и нивните сојузници долго време се мачеа да најдат најефективни санкции против Русија, откако инвазијата на Украина ги потресе енергетските пазари и ги зголеми цените на нафтата. Групата, која покрај САД ги вклучува Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Јапонија и Канада, на почетокот на оваа година вети дека ќе ја намали зависноста од руските енергетски извори, вклучително и преку „постепено намалување или забрана на увозот на руска нафта“.
Планот за ограничување на цената беше објавен во јуни на самитот во германскиот град Елмау. Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека границата на максималната цена може да има ефект само доколку се имплементира на глобално ниво, а не само од членките на Г-7. Поддршката од главните купувачи на руска нафта како што се Индија и Турција се смета за особено важна.
Официјални лица од САД наведуваат дека ограничувањето ќе има ефект дури и ако одреден број купувачи официјално не влезат во коалицијата, бидејќи ќе може да се користи како адут во преговорите со Москва.
Нема да биде лесно да се добие поддршка од сите членки на ЕУ. Унгарија, која остана во блиски односи со Русија, беше главната причина за одложувањето на усвојувањето на шестиот пакет санкции. Будимпешта најави дека е против какво било ограничување на цената, што може да доведе до нови политички непријатности.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Русија нема да продава нафта на земјите што ќе усвојат ограничување на цената за овој извор на енергија. „Ние едноставно нема да работиме со нив бидејќи тоа е спротивно на пазарните принципи“, им рече тој на новинарите.