Кинескиот лидер, Си Џинпинг и рускиот претседател, Владимир Путин, ќе се сретнат следната недела во Узбекистан, пренесуваат светските агенции објава на руската дипломатија.
„За помалку од десет дена ќе има нова средба на нашите лидери (Путин и Си), што ќе се одржи во рамки на состанокот на лидерите на земјите од Шангајската организација за соработка“, ја пренесуваат руските медиуми изјавата на рускиот амбасадор во Пекинг, Андреј Денисов.
„Планираме сериозна, полноправна средба на нашите лидери со детална агенда, на која сега, всушност, работиме со нашите кинески партнери“, додал Денисов.
Си и Путин би требало да се сретнат на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка што ќе се одржи на 15 и 16 септември во Самарканд.
Ова би било прво патување на кинескиот претседател во странство од почетокот на пандемијата на коронавирусот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на денешниот бригфинг рече дека нема информации за таков состанок. Си, исто така, се очекува да отпатува во соседен Казахстан на 14 септември во државна посета, која Пекинг не ја потврди.