Со смртта на Елизабета II на 96 – годишна возраст, почнува 10 дневниот период на жалост во Велика Британија. Нацијата ќе жали по монархот кој владееше најдолго со земјата.
Истовремено, Принцот Чарлс, најстариот син од четирите деца на кралицата, ќе биде назначен за крал на церемонија која е воспоставена пред стотици години. На 73 години, тој ќе биде најстариот наследник на торнот.
Знамињата се веќе на половина копје и почна периодот на жалост. Сите активности ќе замрат. Во Лондон, ковчегот на кралицата ќе биде сместен во холот на Вестминстер, пред нејзниот државен погреб, а денот ќе биде неработен.
Во следните две недели земјата која 70 години имаше ист монарх, ќе се прилагодува. Чарлс сега ќе треба да управува со нацијата која се соочува со многу предизвици. Пред се најавите на Шкотска за независност и несигурната позиција на земјата по излегувањето од Европската унија.
Крунисувањето не мора да се случи скоро. Планирањето на церемонијата ќе започне кога ќе заврши периодот на жалост. Кралицата беше крунисана 16 месеци по смртта на нејзиниот татко. Најверојатно, Чарлс нема да чека толку.
Крунисувањето ќе биде во Вестминстерската опатија, тоа е огромен настан на кој ќе присуствуваат лидери од цел свет. Крунисувањето на Елизабета во 1953 година, беше еден од првите настани кои беше пренесуван на телевизија, во црно бело и пред милионска публика.