Првиот посилен топлотен бран оваа сезона донесе нови температурни рекорди во северозападна Европа, предизвика проблеми со снабдувањето со вода во Велика Британија и беше причина за неколку смртни случаи во Франција.
Атмосферскиот систем ги раздвои облаците над големи делови од Велика Британија, што резултираше со необично сончево небо, дополнително загревање, но и зголемена продукција на струја во соларните електрани.
На врвот, околу пладне во недела, соларните електрани произведуваа речиси половина од вкупната британска побарувачка за електрична енергија - највисока некогаш забележана количина. Силниот раст на производството од обновливи извори се одрази и на цените на струјата низ Европа. Во Франција, на берзата „Епекс спот“, во вторник околу пладне тие дури и привремено беа негативни.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Македонија станува нов дом за странски работници, кои доаѓаат со цели семејства
Растечкиот недостиг на работна сила, иселувањето и стареењето на населението веќе не се проблем само за Македонија туку за цел Западен Балкан. Светската банка во најновиот економски извештај, објавен на 29 април, предупреди дека регионот влегува во период на забавен економски раст, додека компаниите сè потешко наоѓаат работници. Според проекциите, економскиот раст на шесте земји од Западен Балкан годинава ќе достигне 2,8 отсто, што е за 0,3 процентни поени пониско од претходните прогнози, а умерено закрепнување се очекува во 2027 година, со раст од 3,2 отсто.
Во табелата од извештајот се гледа дека Светската банка ги намалува очекувањата за раст и за Македонија. По растот од 3,5 отсто во 2025 година, за 2026 година се прогнозира раст на БДП од 2,9 отсто, а за 2027 година 3 отсто. Слично забавување има и кај другите економии во регионот, што според Светската банка е резултат на геополитичките тензии, конфликтот на Блискиот Исток, инфлацијата и растечката неизвесност.
Во јавниот сектор речиси 130.000 вработени: Некои од нив се човек-институција
На 31.12.2025 година 129.793 лица имале засновано работен однос во вкупно од 1.370 институции на јавниот сектор, покажува извештајот од регистарот на вработените во јавниот сектор за 2025 година на Министерството за јавна администрација. Во однос на 2024 година, бројот на вработените во јавниот сектор е зголемен за 2.471 лице, а бројот на институции е намален за 4.
„Позабележителното зголемување на бројот на вработените во јавниот сектор во однос на извештајот за 2024 година, пред се се должи на финалното усогласување и синхронизирање на процесот за централизирано генерирање на потребните податоци за подготовка на годишниот извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор, едниствено и само од евиденцијата содржана во Информациониот Систем за Управување со Човечки Ресурси (ИСУЧР), кој процес министерството го започна уште во минатата година, а истиот е и законски пропишан“, се наведува во извештајот.
Акциите на „Мajкрон“ растат, УБС прогнозира пазарна вредност од 1,8 билиони долари
Пазарната капитализација на „Мajкрон технолоџи“ (Micron Technology Inc.), која порасна за околу 700 отсто во изминатата година, во следните 12 месеци ќе се удвои, стои во дел од анализите.
УБС Груп во вторникот ја зголеми својата целна цена за производителот на чипови со седиште во Бојси, Ајдахо, на рекордни 1.625 долари, што е околу 116 отсто повеќе од затворањето во петокот на 751 долар.
Мелони: Бирократијата во ЕУ го задушува економскиот раст
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја обвини Европската Унија дека го ограничува капацитетот на блокот да расте и да биде конкурентен на светската сцена.
Зборувајќи во Рим во вторник на годишното собрание на деловното лоби „Конфиндустрија“, таа ја критикуваше ЕУ за тоа што го зголемила регулаторниот товар врз потрошувачите и бизнисите.
Токсичен чад од Техеран покри област колку Италија
Кога нафтената инфраструктура во Техеран беше зафатена од пожар во март по израелските напади, пламенот произведе токсични испарувања кои беа детектирани на површина со големина на Италија, покажува ново истражување.
Мерењата од два различни сателити покажуваат дека пожарите траеле околу два дена и ослободиле приближно 29,8 килотони сулфур диоксид кој се проширил на околу 300.000 квадратни километри (115.830 квадратни милји), според труд на кинески истражувачи.