text size
Војната на Блискиот Исток, за која американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе заврши за неколку недели, сега изгледа дека ќе ескалира додека влегува во својот деветти месец. Трамп постојано навестува дека неговите сили на Блискиот Исток ќе продолжат со нападите врз Иран по среднорочните избори во САД на 3 ноември. Претседателот веќе испрати трета ударна група носачи на авиони и дополнителни 10.000 морнари и маринци кон Персискиот Залив за да им даде на американските команданти повеќе опции доколку тој ги обнови непријателствата.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Светот полуде по „панда“ обврзници: Може ли Македонија да најде „поевтини“ пари во Кина?
Во услови кога на пазарот на обврзници се уриваат рекорди во однос на приносите што ги бараат инвеститорите за да ги финансираат растечките долгови на државите, се повеќе земји од светот, но и од регионот се вртат кон Кина, која како што објави „Блумберг њуз“, дозволува бран евтини пари да тече преку нејзините граници, претворајќи ја земјата во редок извор на нискобуџетно финансирање за странски должници.
Таканречените „панда“ и „дим сум“ обврзници стануваат популарен начин за задолжување на државите, но и на корпоративните субјекти, а главна причина за зголемениот интерес се трошоците за задолжување, кои се неколкукратно пониски отколку на останатите пазари. Со оглед на тоа што јавниот долг на Македонија континуирано расте и земјава е принудена да позајмува пари на странските пазари за да ги враќа достасаните заеми и да го финансира буџетскиот дефицит, анализиравме дали овој вид обврзници би можеле да бидат извор за „поевтини“ средства за финансирање на јавниот долг.
Може ли печатењето пари да биде решение за рекордните долгови
Глобалниот бруто-јавен долг порасна на речиси 94 проценти од БДП во 2025 година, а според сегашните трендови ќе достигне 100 проценти од БДП до 2029 година, ниво што претходно било забележано само по Втората светска војна, констатира Меѓународниот монетарен фонд. Загриженоста не се однесува само на високото ниво на глобалниот долг туку и на насоката во која се движи под сегашните фискални политики.
Повисоките каматни стапки и зголемената чувствителност на пазарите на фискалните вести покажуваат дека просторот за одржување на оваа динамика се стеснува. Ова влошување е структурно по природа, наведува ММФ. Тоа е резултат на политички одлуки што доведоа до трајно зголемување на социјалните расходи или намалување на приходите, особено во некои од најголемите светски економии. Според прогнозите на Европската комисија, пак, се очекува јавниот долг на ЕУ постепено да расте, од 82,8 отсто од БДП во 2025 на 85,3 отсто во 2027 година.
„Голдман“ ја намали 12-месечната целна вредност за индексот Kospi за 25 проценти
Стратезите од „Голедман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc) ја намалија целната вредност за јужнокорејскиот индекс Kospi за 25 проценти, откако претходно годинава во повеќе наврати ја зголемуваа, а сето тоа во услови на зголемена загриженост во врска со инвестициите поврзани со вештачката интелигенција.
Аналитичарите, меѓу кои и Тимоти Мо, ја намалија 12-месечната целна вредност за корејскиот берзански индекс од 12.000 на 9.000 поени, наведувајќи ги како причина поконзервативните претпоставки за вреднувањето, откако индексот забележа пад од над 35 проценти во однос на својот јунски врв. Според стратезите, поради масовната продажба, акциите се сега значително потценети, а ревидираната прогноза сепак укажува на потенцијал за раст од над 60 проценти во однос на моменталните нивоа.
Кина возвраќа на предлогот на САД за заострување на ограничувањата за инвестиции
Кина соопшти дека „цврсто се спротивставува“ на предлогот на американското Министерство за финансии за проширување на опсегот и зголемување на строгоста на ограничувањата за американските инвестиции во Кина, нарекувајќи го дискриминаторски и „типичен пример за премногу широка примена на загриженоста за националната безбедност“.
Министерството за трговија соопшти дека предложените ограничувања се спротивни на „важниот консензус“ постигнат од претседателите на двете земји и дека би им наштетиле на билатералната економска и трговска соработка и на интересите на американските компании. Пекинг внимателно ќе ги следи случувањата и го задржува правото да преземе соодветни мерки, соопшти Министерството.
Зошто „Нетфликс“ се мачи да пронајде публика?
Компанијата што изгради глобален забавен колос, препишувајќи го холивудското сценарио, сега се соочува со добро познато сценарио – креативна криза. „Нетфликс“ (Netflix Inc), која еволуираше од компанија за достава на филмови по пошта во продуцент на популарни оригинални серии како „Хаус оф кардс“ (House of Cards) и „Стрејнџер тингс“ (Stranger Things), во последно време има потешкотии да создаде серии и филмови што го доловуваат духот на времето.
Уште полошо, оваа креативна суша се јавува во момент кога главниот ривал на „Нетфликс“ – „Јутјуб“ (YouTube) која е во сопственост на „Алфабет“го зголемува својот удел во времето поминато пред телевизиските екрани во САД, додека конкурентите „Епл ТВ“ (Apple TV) и „Ејч-Би-О Макс“ (HBO Max) добиваат одлични критики. Во третиот квартал, кој заврши на 30 септември,„Нетфликс“ забележа најбавен раст на приходите во последните три години – тренд за кој компанијата предвидува дека ќе продолжи и во последните три месеци од 2026 година. Овие резултати ја зголемија загриженоста кај инвеститорите за најголемата светска онлајн телевизиска мрежа, чии акции оваа година паднаа за речиси 28 проценти.