Холанѓанецот Клaас Нот има најмногу шанси да ја наследи Кристин Лагард на чело на Европската централна банка (ЕЦБ), иако некои други кандидати имаат подобра квалификација, е заклучокот од анкетата што ја спроведе „Блумберг“ меѓу економистите.
Нот, чиј мандат како гувернер на Централната банка на Холандија истече минатата година, ја предводи ранг-листата. На второ место е гувернерот на Банката за меѓународни порамнувања Пабло Ернандез де Кос, а на трето место претседателот на Бундесбанката, Јоаким Нагел.
Во исто време, испитаниците како најкомпетентен кандидат за преземање на функцијата по истекот на мандатот на Лагард следната година ја издвојуваат членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел. Де Кос, поранешен гувернер на Банката на Шпанија, го зазема второ место, додека Нот е веднаш зад него.
Bloomberg
Анкетата беше спроведена откако неделава Борис Вујчиќ од Хрватска доби зелено светло за од јуни да ја преземе функцијата потпретседател на ЕЦБ. Тоа е првиот чекор во промената на составот на Извршниот одбор на оваа институција со седиште во Франкфурт, процес што ќе трае две години.
Кандидатурата на Вујчиќ, кандидат од источниот дел на регионот, остава простор за водечката позиција во ЕЦБ да се натпреваруваат кандидати и од северот и од југот на Европа. Во исто време, неговите умерено конзервативни ставови веројатно нема да претставуваат поголем проблем, бидејќи официјалните лица на еврозоната се стремат за двете водечки позиции во ЕЦБ да изберат кандидати кои ќе ги израмнат различните ставови и политики.
Bloomberg
Кој и да биде избран на крајот, ќе ја преземе институцијата која се соочува со свет што стана многу понепредвидлив. Особено во последните неколку недели се покажа колку брзо можат да бидат доведени во прашање геополитичките и институционалните норми.
Испитаниците кои учествуваа во анкетата сметаат дека дипломата по економија и работното искуство во централна банка се најважните критериуми за претседател на ЕЦБ. Кариерата во финансии и искуството во водење монетарни институции исто така се сметаат за корисни, како и ангажмани во политиката и други европски институции.
Според анкетата, тоа што кандидатот е жена – тема која во претходните избори за водечки позиции често предизвикувала полемики – спаѓа меѓу најмалку важните фактори.
Bloomberg
Гласини за фаворитите кружат веќе месеци, а фокусот е најмногу на Нот и Де Кос. Двајцата уживаат голем углед, а јавно ги пофали и Лагард.
За Нот во октомври рече дека "има интелект, издржливост и способност да ги вклучи луѓето", што, како што оцени, е неопходна вештина. Де Кос го опиша како фантастичен тимски играч и многу темелен економист.
Нот во текот на 14 години кои ги помина во Советот на гувернери на ЕЦБ беше еден од највлијателните раководители. На почетокот се залагаше за построги политики, а потоа ги ублажи ставовите. Како претседател на Комитетот за финансиска стабилност, помогна и во зачувувањето на координацијата меѓу централните банки и финансиските регулатори во периоди на пазарни турбуленции.
Лагард даде поддршка и за Шнабел, кога во декември посочи дека "постојат многу многу добри кандидати, а Изабел е една од нив". Шнабел, професорка по економија која работела и како поранешна советничка во германската влада пред да се придружи на ЕЦБ во 2020 година, стана авторитет чии ставови економистите највнимателно ги следат, бидејќи таа потемелно пристапува кон проблемите.
Шнабел, иако се смета за најкомпетентна кандидатка, сепак се соочува со пречки, бидејќи раководителите на ЕЦБ се избираат само на еден мандат и нема знаци дека ова правило би можело да биде заобиколено. Нејзината изразено конзервативна ориентација во поглед на политиките, исто така, би можела да претставува пречка.
„Во целина, веројатно е потребна личност со поумерени ставови за да се одржи консензусот и да се смируваат членовите на Советот на гувернери со спротивставени ставови“, изјави Андреј Шчепанијак, поранешен економист на ЕЦБ кој сега работи во јапонската инвестицисла компанија „Номура“.
Нот, Де Кос и Нагел би се вклопиле во тој профил, но нивните влади во оваа рана фаза сè уште не ги откриле своите планови.
Холандија и Германија досега не се огласиле јавно, иако Ларс-Хендрик Релер, поранешен економски советник на поранешната канцеларка Ангела Меркел, изјави дека е време еден од неговите сонародници да ја преземе претседателската функција.
Шпанија, според зборовите на министерот за економија Карлос Куерпо, сака уште едно место во Извршниот одбор на ЕЦБ откако актуелниот потпретседател Луис де Гвиндос ќе ја напушти функцијата во мај.
Bloomberg
Меѓу другите кандидати кои испитаниците ги сметаат за можни или компетентни наследници на Лагард се Французинот Франсоа Вилерој де Галхо и Италијанецот Фабио Панета. Двете земји веќе најмалку еднаш имале претседател на ЕЦБ. Тука е и Финецот Оли Рен, кој го зазеде второто место во трката за потпретседател.
Помалку шанси за избор на таа функција, според мислењето на учесниците во анкетата, имаат претседателката на Европската инвестициска банка, Надија Калвињо од Шпанија, како и Јорг Кукиес, кој беше вршител на должноста министер за финансии на Германија по падот на претходната влада.
Во морето на шпекулации, вреди да се потсети дека може да се појави и кандидат "од сенка", бидејќи ни самата Лагард пред номинацијата не важеше за фаворит.
Повеќето испитаници очекуваат дека одлуката ќе биде донесена во вториот квартал на 2027 година, иако некои сметаат дека договорот можеби ќе биде постигнат и порано. Скоро половина веруваат дека одлуката ќе биде донесена како дел од поширок пакет кој вклучува избор на наследник на главниот економист Филип Лејн, а околу четвртина од испитаниците очекуваат дека договорот ќе вклучува и одлука за наследникот на Изабел Шнабел.