Како реформите да престанат да бидат само обврска на хартија и да станат реална поддршка за бизнисите, ова беше во фокусот на конференцијата „Помалку бариери, повеќе можности: Реформи за ветер во грб на малите и средни бизниси“, што денес се одржа во Скопје во организација на Институтот за демократија.
Во услови кога информираноста за Реформската агенда е ниска, а нејзината имплементација изнесува околу 30 отсто, учесниците на настанот посочија дека клучното прашање не е дали реформите се потребни, туку како тие побрзо и поефикасно да се почувствуваат во секојдневното работење на компаниите, преку поедноставени правила, подобар пристап до пазарите и вистинска поддршка за малите и средни претпријатија.
Настанот ги обедини претставниците на институциите, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор. Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија истакна дека настанот е дел од пошироките активности на организацијата насочени кон реформските процеси поврзани со Берлинскиот процес и Планот за раст на Европската Унија.
„Во отсуство на реален напредок во формалниот дел на пристапниот процес, односно незапочнување на преговорите, преку овие процеси се обидуваме да ја поттикнеме државата, институциите, но и бизнис заедницата и јавноста, со цел да се зголеми поддршката, разбирањето и имплементацијата на реформите“, изјави Трошановски.
Тој нагласи дека една од клучните цели е да се намали јазот меѓу апстрактните реформски процеси и нивното реално влијание врз секојдневниот живот. „Реформите често се сведуваат на закони и процедури што за граѓаните звучат далечно, но тие директно влијаат врз нивниот живот, од пониски банкарски трошоци до полесен пристап до услуги во регионот. Бизнис заедницата исто така треба активно да се вклучи во процесот. Таа не е само корисник, туку и ко-креатор на реформите, и токму затоа целта на овој настан е да се отвори дискусија за нивната имплементација, особено во делот на деловното опкружување“, додаде Трошановски.
Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија вели дека е важна вклученоста на бизнис заедницата во реформските процеси и потребата од посилен дијалог меѓу сите засегнати страни.
„Бизнис заедницата е неопходен партнер во овие процеси - заедно со институциите, стопанските комори и граѓанскиот сектор, потребно е да се гради вистински дијалог и заедничко разбирање за реформите“, изјави Бошков.
Тој посочи дека и покрај постоењето на различни стратешки документи и иницијативи, клучниот предизвик останува нивната практична имплементација. „Имаме стратегии, агенди и планови, но она што ни недостасува е доследна примена на стандардите и принципите што сме се обврзале да ги спроведеме.
Раководителката на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија, Анамарија Велиновска, посочи дека ниската информираност за Реформската агенда и Планот за раст претставува сериозен предизвик, поради што е потребно овие процеси да се доближат до граѓаните и бизнис заедницата и да се поттикне нивно поактивно вклучување.
„Нашите истражувања покажуваат дека запознаеноста со Реформската агенда и Планот за раст е на ниско ниво – околу 43 проценти од граѓаните воопшто не слушнале за нив, а дополнителни 43 отсто слушнале, но немаат конкретни информации.
Првата панел-дискусија, на тема „Конкурентност преку интеграција“, се фокусираше на тоа како Планот за раст на ЕУ и Реформската агенда 2024-2027 влијаат врз трансформацијата на деловното опкружување во земјата. На панелот учествуваа Виктор Митевски, извршен директор на Здружение ЗМАИ, Ардиана Абази, државен советник за евроинтеграции во Министерството за економија и труд, Ирена Ѓорѓиевска раководител на сектор за меѓународна соработка од Агенција за иновации - ИНОВА) и Миле Бошков од Бизнис конфедерација.
Институт за демократија
Дискусијата ги опфати клучните аспекти на реформите, од регулаторното усогласување и интеграцијата во единствениот пазар на ЕУ, до привлекувањето инвестиции, поттикнувањето иновации и дигиталната трансформација. Посебен акцент беше ставен на улогата на малите и средни претпријатија и потребата од поактивна соработка меѓу институциите и приватниот сектор во спроведувањето на реформите.
Вториот панел беше посветен на улогата на јавните политики и јавните набавки како алатки за економски раст, со учество на Марија Јованоска раководител на сектор во Биро за јавни набавки, Герман Филков претстедател на Центарот за граѓански комуникации и Миле Бошков од од Бизнис конфедерација.
Учесниците дискутираа за тоа како јавните набавки можат да се трансформираат во инструмент за поддршка на домашните компании, особено малите и средни претпријатија, преку подобро таргетирани политики кои ќе поттикнат иновации, дигитализација и зелен развој. Воедно, беше нагласена потребата од поголема транспарентност, предвидливост и усогласеност со европските стандарди во оваа област.