Дизелот ќе се намали за 4 денари по литар, а безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денара по литар, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, врз основа на владината одлука за намалување на акцизите на горивата.
На вонредната седница, Владата исто така ја продолжи намалената стапка на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто до крајот на кризната состојба, која ќе истече на 20 април.
Мицкоски нагласи дека без намалувањето на акцизата, литар дизел ќе чинел околу 102 денари, додека бензините од 95 и 98 октани ќе поскапеле за 1,5 до 2 денара по литар.
Исто така, денеска се одржале преговори со компанијата „Окта“, која се согласила да го продолжи попустот до крајот на април: 3 денари по литар за дизелот и дополнителни 2 денара по литар за безоловните бензини.
„Кога сето ова ќе се анализира, доаѓаме до цена која за дизелот ќе биде иста како и до сега, доколку се вкалкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари што го добиваме од 'Окта', така што амортизираме потенцијално 7 денари зголемување по литар, додека кај безоловните бензини од 95 и 98 октани, покрај 2 денара акциза по литар, ќе имаме 2 денара по литар намалување, односно ќе бидеме 2 денара во минус од цената во текот на изминатата недела“, објасни Мицкоски.
Премиерот додаде дека одлуката е донесена поради глобалната неизвесност и тензиите на Блискиот Исток, како и притисокот врз економијата. „Не можеме да бидеме изолирани од влијанието на глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази“, нагласи Мицкоски.