text size
На 556 пензионери кои имаат платежни сметки во банката, а не располагаат со платежни картички, денеска им се исплатени средства од „Алта банка“ АД Битола, во филијалата во Битола, иако според првичниот план се очекуваа околу 400 исплати, соопшти НБРМ попладнево.
Според соопштението на централната банка, исплатата на средствата се одвивала во најдобар ред. За денеска преку СМС-пораки биле повикани околу 400 граѓани, но на шалтерите биле услужени сите граѓаните кои нем оставиле телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можеа да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.
Истовремено, на сметките на „Алта банка“ денеска се уплатени и средствата наменети за исплата на социјалната помош од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со тоа се создадени услови исплатата на средствата за корисниците на социјална помош да започне од утре, 6 ноември.
Прочитај повеќе
Кој ќе ја купи „Алта банка“ – Битола: во игра се наводно две домашни банки
„Алта банка“ - Белград отиде под стечај, а во Македонија, нејзината фирма “Алта банка“ - Битола веројатно ќе се продава преку берзата, како што информираат од Народната банка.
03.11.2026
„Алта банка“ во Србија отиде под стечај: Што ќе се случи со парите на штедачите?
Трговскиот суд во Белград отвори стечајна постапка во „Алта банка“. За клиентите сега најважно е прашањето кога и како ќе ги добијат своите пари.
03.11.2026
НБРМ ги следи сите околности што можат да влијаат врз работењето на „Алта банка“ од Битола
Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.
31.10.2026
НБРМ воведе администрација врз „Алта банка“ Битола
Оваа мерка се презема со цел заштита на имотот на банката и штедачите затоа што во претходните денови од банката биле повлечени околу 2 милиони евра.
01.11.2026
„Потсетуваме дека филијалата на ‘Алта банка’во Битола утре (6.11) ќе работи во две смени, а ќе работи и во сабота. Очекуваме по извршените подготовки, следната недела да се отворат шалтери и во другите градови“, соопшти НБРМ.
Пензионерите да бидат спокојни
Гувернерот Трајко Славески денеска се сретна со директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов и претседателката на Здружението на пензионери, Станка Трајкова. На средбата Славески истакна дека ја разбира загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби.
„Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во ‘Алта банка’. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакна гувернерот Славески.
Соговорниците ги повикаа пензионерите да бидат спокојни дека исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка. Воедно, беше посочено дека се работи и на изнаоѓање решенија за постепено обезбедување на другите банкарски услуги во најкус можен рок.
Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка континуирано презема активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија коишто ќе овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите.
Последиците се чувствуваат
И премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика штедачите и доверителите на банката да не подлегнуваат на шпекулациите и обидите за создавање паника. Тој изјави дека државата го следи случајот и дека граѓаните ќе бидат обештетени доколку банката замине во стечај.
„Сепак последиците од случувањата во Србија може да се почувствуваат и во македонската економија. Неколку македонски компании веќе известија дека нивните деловни партнери во Србија се соочуваат со финансиски проблеми поради блокираните средства во ‘Алта банка’“, рече премиерот.
Нема трансфери кон Србија и Русија
Во однос на наводите во јавноста за трансфер на поголеми износи на средства во/кон Србија и Русија преку „Алта банка“ АД Битола, Народната банка информира дека врз основа на детално анализирани податоци, вакви трансакции во текот на 2025 година и заклучно октомври 2026 година не се забележани.
„Податоците покажуваат дека трансакциите на клиентите на банката со Србија се во незначителни износи, особено имајќи го предвид обемот на платниот промет и редовното работење на банката. Во 2025 година и заклучно со октомври 2026 година, приливите од Србија изнесуваат 2,2 милиона евра и 6,2 милиона евра, соодветно, додека одливите изнесуваат 5,3 милиони евра и 7,2 милиона евра. Овие трансакции се поврзани со редовното работење на клиентите на банката“, соопшти НБРМ.
Во истиот период, приливите од и одливите кон Русија не се евидентирани во платниот промет и билансот на Банката, соопшти централната банка.