Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година изнесувала 31.080 денари, што е зголемување за 10,1 отсто во однос на истиот месец минатата година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4 отсто), уметност, забава и рекреација (20,2 отсто) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19,5 отсто).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (16,9 отсто), рударство и вадење на камен (13,5 отсто) и преработувачка индустрија (7,1 отсто).
Во Северна Македонија има дејности во коишто просечната плата е многу повисока отколку државниот просек, а убедливо највисока е просечната плата во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности којашто во март, годинава изнесувала 80.128 денари.