Индустриското производство во Македонија во април е намалено за 1,7 отсто во однос на истиот месец лани.
Најновите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем пад има во секторот интермедијарни производи, чие производство на годишно ниво е намалено за 14,1 отсто, секторот рударство и вадење камен, чиј пад е 11,4 проценти, и преработувачката индустрија, каде што производството во април годинава е намалено за 4,3 отсто во однос на истиот месец лани.
Ако ги анализираме потсекторите, тогаш производството на метали е со најлош резултат на годишно ниво и е речиси преполовено. Процентуално, падот во овој сектор е 46,5 отсто. Овој сектор учествува со речиси шест проценти во вкупното индустриско производство во земјава.
Најголем пораст, пак, Статистика регистрирала во секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, чии резултати на годишно ниво се подобрени дури за 47,2 проценти, потоа следува секторот енергија, со зголемување од 29,6 отсто, и производството на трајни производи за широка потрошувачка, чии резултати за една година се подобрени за 11,3 отсто.