text size
Цената на електричната енергија на берзите постојано расте, поради големите горештини и се поистакнатата неизвесност во снабдувањето со гас. Токму од тие причини натамошниот развој на ситуацијата е непредвидлив, а наесен може да има ново поскапување, предупреди вчера Штефан Цах, портпарол на австрискиот енергетски концерн ЕВН. Тој истакна дека поскапувањето на струјата на енергетскиот пазар достигна историски димензии. Високите температури во Европа се одразуваат и врз водостојот на реките, што има индиректни последици за производството на електрична енергија, а индиректно го отежнува и транспортот на јаглен. Топлотниот бран деновиве ја зафати и Македонија и секако ќе придонесе кон намалување на хидропотенцијалот за производство на струја преку празнење на вештачките акумулации, кои веќе подолг период се под саканите граници.