text size
Колкава ќе биде цената што ќе треба да ја плати Македонија за новото задолжување преку еврообврзници односно колкав принос ќе имаат инвеститорите кои што ќе одлучат да вложат пари во овој инструмент е прашање кое заслужува внимание откако Министерството за финансии задолжи реномирани светски финансиски институции да организираат серија повици за инвеститори во понеделникот токму за да почне да реализира постапката за издавање на еврообврзниците. Според информациите објавени на терминалот на „Блумберг“, инцијалниот принос/цена за кој се преговараше со инвеститорите беше 4,625 проценти за четиригодишната еврообврзница во вкупна вредност од 500 милиони евра и 5,5 проценти за осумгодишната еврообврзница, исто така во вредност од 500 милиони евра. Меѓутоа, поради големиот интерес меѓу инвеститорите во текот на денот процентите паднаа во зоната од 4,25 проценти односно 5,125 проценти, соодветно.