text size
Вашингтон и Отава во последен момент не успеаја да постигнат трговски договор, по што САД воведоа нови царини од 50 отсто за дел од канадскиот увоз, а канадскиот премиер Марк Карни најави дека неговата влада ќе одговори со мерки во ист обем.
Новите американски давачки стапија во сила во саботата и опфаќаат стотици производи што Канада ги извезува на американскиот пазар, меѓу кои иверица, алкохолни пијалаци, електрична опрема и хокеарска опрема. Вредноста на опфатената стока се проценува на околу 20 милијарди долари.
Карни изјави дека ги прекинал преговорите откако САД во последен момент ги промениле условите на предлог-договорот. Според него, новите американски барања биле „нефер, неекономични“ и ја довеле во прашање доверливоста на евентуалниот договор.
Прочитај повеќе
Како ЧетГПТ би ги решил трговските војни?
Вештачката интелигенција сè повеќе навлегува во економијата и трговските односи, а нејзината улога може наскоро да оди многу подалеку од анализа на податоци и предвидувања.
18.08.2026
Зошто новите царини на Трамп се фокусираат на принудната работа?
САД воведоа царини од 10 до 12,5 отсто за увоз од 60 земји, правдајќи ги мерките со недоволна борба против производите изработени со принудна работа.
25.07.2026
Трамп се закани со нови царини за Европската Унија поради казната за „Гугл“
Заканата на Доналд Трамп со нови царини по казната за „Гугл“ отвори ново поглавје во трговскиот спор меѓу САД и Европската Унија, само една година по постигнувањето на договорот што требаше да ги намали тензиите.
24.07.2026
Од Вашингтон, пак, одговорноста за неуспехот на преговорите ја префрлија врз канадската страна. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир соопшти дека канадските преговарачи во последен момент поставиле нови барања и отстапиле од дел од претходно договорените обврски, со што, според него, била нарушена рамнотежата постигната во повеќедневните разговори.
Доколку Канада воведе контрамерки, американската администрација ќе му достави на претседателот Доналд Трамп предлози за дополнително зголемување на притисокот врз канадската економија. Засега нема најавен нов термин за продолжување на преговорите.
Претходно, двете страни работеа на рамковен договор со кој требаше да се намалат американските царини за дел од канадскиот челик и алуминиум на 25 отсто, да се намалат давачките за канадските автомобили на 15 отсто и да се укине царината од 10 отсто за дрвната граѓа.
Договорот предвидувал и соработка во областа на контролата на извозот и дигиталната трговија, како и почеток на формални преговори за обновување на Договорот САД-Мексико-Канада, познат како USMCA.
За возврат, Канада била подготвена да укине дел од своите одмазднички мерки воведени по започнувањето на американската трговска војна. Вашингтон, меѓу другото, барал укинување на канадските контрацарини за американските возила и прекин на ограничувањата за продажба на американски алкохолни производи во повеќето канадски провинции.
Марк Карни (лево) и Доналд Трамп / Bloomberg
Сепак, предложениот договор наиде на отпор и во двете земји. Американската индустрија за челик и алуминиум се спротивставила на мерките што би можеле да ја ослабат нејзината позиција, додека во Канада имало критики за отстапките што владата на Карни била подготвена да ги направи.
Најголем дел од клучните канадски природни ресурси што ги увезуваат САД, сепак, не се опфатени со новите 50-отстотни царини. Меѓу нив се суровата нафта и критичните минерали. Канада е најзначаен странски снабдувач на САД со сурова нафта и нафтени деривати, со повеќе од четири милиони барели дневно.
Карни најави дека Канада ќе воведе царини „долар за долар“ за да ги заштити своите работници и компании. Тој истовремено порача дека Отава ќе преземе и дополнителни мерки за поддршка на канадските работници и бизниси.
Канадските провинции веќе се подготвуваат за можните последици. Премиерот на Онтарио, Даг Форд, чија провинција е центар на канадската автомобилска индустрија, му даде поддршка на Карни за „силен одговор“ на американските мерки.
Економистот Тревор Томбе од Универзитетот во Калгари проценува дека, доколку царините останат во сила, Канада би можела да загуби речиси 90.000 работни места. Најголем удар би претрпеле секторите на машинската и електронската индустрија, пластика и гума, мебел, дрво, хартија, како и хемикалии и козметика. Според неговите процени, најпогодени би биле Британска Колумбија, Онтарио и Квебек.
Новата ескалација отвора ризик од поширока трговска пресметка меѓу двете соседни земји и долгогодишни сојузници. Минатата година нивната трговија со стоки и услуги изнесувала близу 900 милијарди долари, што значи дека продолжувањето на спорот би можело да има последици и врз американските компании и потрошувачи.
Трговскиот конфликт доаѓа во чувствителен момент за администрацијата на Трамп, која истовремено се соочува со притисоци околу високите цени, состојбите на финансиските пазари и економските последици од другите меѓународни конфликти. За Канада, пак, новите царини претставуваат дополнителен удар врз извозно ориентираните компании и ризик за илјадници работни места.
Иако Карни досега не најави ограничување на испораките на клучните природни ресурси кон САД, натамошното заострување на мерките би можело дополнително да ги зголеми трошоците и неизвесноста во економиите на двете земји