text size
Администрацијата на Трамп најде нов начин да воведе царини за 60 земји од кои доаѓа речиси целиот американски увоз - да ги обвини дека не ги спроведуваат забраните за увоз на странски производи произведени со принудна работа.
Овие царини, кои стапија на сила во петокот, ќе создадат нова трговска бариера која би можела да биде помалку ранлива на правни оспорувања отколку „реципрочните“ царини на Трамп, кои беа претставени во април минатата година, а Врховниот суд ги поништи во февруари.
Американската влада соопшти дека засегнатите земји или немаат забрана за увоз на производи произведени со принудна работа, или не ги спроведуваат соодветно таквите забрани. Нејзиниот аргумент не се темели на човековите права: се смета дека земјите кои не го блокираат увозот на производи произведени со принудна работа имаат неправедна конкурентска предност.
Прочитај повеќе
Трамп се закани со нови царини за Европската Унија поради казната за „Гугл“
Заканата на Доналд Трамп со нови царини по казната за „Гугл“ отвори ново поглавје во трговскиот спор меѓу САД и Европската Унија, само една година по постигнувањето на договорот што требаше да ги намали тензиите.
пред 13 часа
Нови американски царини за 60 држави - погледнете ја целата листа
Кои држави се погодени, што значи тоа за светската економија и зошто сојузниците на САД реагираат?
24.07.2026
Царините на Трамп се закана за генеричките лекови, постои ризик од недостиг во САД
Фармацевтската индустрија предупредува дека новите царини на Доналд Трамп носат ризик од повисоки цени, недостиг на лекови и помала конкуренција.
22.07.2026
Зошто САД ѝ даваат приоритет на принудната работа во својата трговска политика?
САД го забранија увозот на производи произведени со принудна работа уште од 1930 година. Исто така, земјата воведе мерки и против производи од одредени подрачја. Со закон од 2021 година се забранува целиот увоз од кинескиот регион Синџијанг, врз претпоставка дека тие производи се произведени со принудна работа.
Тимот на Трамп повторно го отвори прашањето за принудната работа како начин одново да воведе сеопфатни увозни царини, по одлуката на Врховниот суд од февруари дека неговите царини од „Денот на ослободувањето“, претставени на 2 април 2025 година, биле неуставни. На владата ѝ беше наложено да ги врати средствата наплатени преку тие царини, кои беа засновани на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година. Тој процес сè уште е во тек.
Неколку недели по пресудата, Канцеларијата на американскиот трговски претставник објави две истраги според Член 301 од Законот за трговија од 1974 година, кои се однесуваат на принудната работа и прекумерниот производствен капацитет. Законот овозможува на владата да воведе казнени мерки, вклучително и царини. Канцеларијата на американскиот трговски претставник потоа објави извештај за истрагата за принудна работа.
Што претставува принудната работа?
Меѓународната организација на трудот ја дефинира како секоја работа или услуга што се бара од некое лице под закана од казна и за која тоа лице не се пријавило доброволно.
Кое е образложението на администрацијата за новите царини?
За разлика од законот од 2021 година, кој се темели на проценка на условите за работа во една земја, новиот извештај не се обидува да утврди дали одредени земји навистина увезуваат производи произведени со принудна работа, ниту пак испитува дали производите се произведуваат во тие земји со користење принудна работа.
Канцеларијата на американскиот трговски претставник проценувала дали една земја има формална забрана за увоз на производи произведени со принудна работа и дали ја спроведува таа забрана или на друг начин се обидува да го спречи таквиот увоз.
Канцеларијата тврди дека земја која не ја спроведува забраната за принудна работа „ја оптоварува или ограничува американската трговија така што ги изложува американските производители на нелојална конкуренција од производи произведени со принудна работа, и на извозните пазари и на американскиот пазар, како и со тоа што производите произведени без принудна работа или без суровини добиени со принудна работа ги пренасочува од домашниот пазар кон Соединетите Американски Држави и другите пазари“.
На пример, за Канада се наведува дека, иако земјата го забранила увозот на производи произведени со принудна работа пред речиси шест години, фактот што не објавила официјална статистика или информации за спроведувањето на таа забрана значи дека постои „ниско ниво на спроведување“.
Во извештајот, исто така, се наведува дека губењето на американскиот пазарен удел при извозот на производи како тутун, ориз, говедско месо или памук во земји каде што постојат сомнежи или докази за принудна работа укажува дека „американскиот извоз можеби бил негативно погоден од конкуренцијата на производи произведени со принудна работа“ или дека таквите производи можеби влегле на американскиот пазар и им наштетиле на американските компании.
Како ќе функционираат царините поврзани со принудна работа?
Царините од 10 или 12,5 отсто беа воведени на увозот од 60 земји, во зависност од различни критериуми, вклучително и дали тие веќе склучиле трговски договор со администрацијата на Трамп. Предвиден е и посебен механизам што ќе „овозможи одреден обем на увоз на облека и текстил од одредени економии да влезе во Соединетите Американски Држави“ по намалена царинска стапка. Царините ќе се применуваат на граница, на ист начин како и другите царини, а стапките ги утврди Канцеларијата на американскиот трговски претставник по одржани јавни расправи и по разгледување на јавните коментари.
Какво ќе биде влијанието од новите царини?
Опфатените 60 земји учествуваат со 99,4 отсто од вкупниот американски увоз. Најпогодени ќе бидат Мексико, Канада и Кина - трите најголеми извори на американски увоз минатата година, според Меѓународниот монетарен фонд.
Царините што новите мерки треба да ги заменат беа различни за секоја земја, па затоа и влијанието најверојатно ќе се разликува од земја до земја. Согласно одлуката, царината за Канада и Мексико изнесува 10 отсто, додека за Кина е 12,5 отсто. Предвидени се и значителни исклучоци за електронските производи.
Маева Кузен од „Блумберг економикс“ изјави дека новите царини би ја зголемиле ефективната американска царинска стапка за само 0,5 процентни поени, од сегашните 10,7 отсто, доколку бидат применети по истекот на посебниот пакет царини воведени според Член 122, кои беа донесени како привремена мерка по пресудата на Врховниот суд.