Саудиска Арабија преку фонд ќе инвестира 300 милијарди саудиски ријали (80 милијарди долари) во проектот Неом (Neom) на принцот Мохамед бин Салман. Излезот на берзата е планиран за 2024 година.
Фондот наречен Neom Investmen Fund може да порасне до 400 милијарди ријали, рече принцот. Фондот е наменет за инвестиции во компании кои ќе работат во Неом, огромен град на северозападот од земјата.
На прес-конференцијата присуствуваа светски инвеститори како Реј Далио од „Бриџвотер Асошиејтс“ (Bridgewater Associates), Тим Колинс од „Риплвуд“ (Ripplewood), принцот Алвалид бин Талал и милијардерот од Кувајт, Мохамед Алшаја.
Бин Салман за прв пат јавно ги објави деталите за плановите за финансирање на Неом, еден од најголемите и најкомплексните градежни проекти во светот.
Првата фаза од проектот, која ќе трае до 2030 година, ќе чини 1,2 трилиони ријали, а половина од тие средства ќе бидат обезбедени преку Фондот за јавни инвестиции (ЈИФ), рече тој. Официјални лица ќе обезбедат дополнителни 600 милијарди ријали преку други фондови во регионот, од приватни инвеститори во Саудиска Арабија, како и преку котацијата на Неом на саудиската берза.
„Наша цел е да ја направиме Саудиска Арабија една од трите најголеми берзи во светот“, рече принцот, додавајќи дека котацијата на Неом се очекува околу 2024 година. Излезот може да ја зголеми вредноста на берзата за трилион ријали.
Нови технологии
Проектот Неом, објавен во 2017 година, е обид на принцот да претвори парче пустина со големина на Белгија во технолошки развиена метропола. Пет години подоцна, проектот сè уште се соочува со многу тешкотии, главно поради грандиозните и често променливи идеи на принцот, за што сведочеа сегашни и поранешни вработени.
Последната објава на принцот се однесуваше на план за изградба на две згради во рамките на Неом кои се протегаат на повеќе од 100 километри и можат да примат цел град од девет милиони жители.
Принцот им рече на новинарите дека Неом е дел од поширокиот план за реформирање на земјата кој предвидува зголемување на населението од 34 милиони на 50 или 60 милиони до 2030 година. Половина од населението тогаш ќе бидат странци, рече принцот, додавајќи дека тие сега претставуваат третина. Главниот град Ријад ќе стане пренаселен со оваа брзина, рече принцот, но затоа Неом ќе може да прими 10 милиони луѓе.
Целта е до 2030 година 1,5 милиони луѓе да живеат во зградите близначки, а до 2045 година бројот да се зголеми на девет милиони, објасни тој. Неом ќе започне да преговара со големи инвеститори до крајот на годинава.
Кралството планира да инвестира и во соседен Египет, вклучувајќи го и Шарм ел Шеик, што се наоѓа на другата страна од Црвеното Море. „Ќе инвестираме огромни суми пари во Египет“, посочи принцот.