Медиумската компанија „Блумберг Адрија“ ја назначи Јелисавета Лазаревиќ на позицијата директорка на содржината, која во својата нова улога ќе го предводи тимот на главни уредници на сите платформи и ќе биде одговорна за воспоставување стратегија за креирање на содржината и нејзина дистрибуција низ сите платформи на „Блумберг Адрија“: ТВ, дигитал, настани, социјалните мрежи и списанието „Блумберг бизнисвик Адрија“. Јелисавета од самото основање на „Блумберг Адрија“ беше вклучена во целиот процес на продукција и презентација на содржините како телевизиска уредничка и програмска уредничка на конференциите на „Блумберг Адрија“, а со неа разговаравме за плановите и новите проекти.
- Што гледате како своја прва задача на новата позиција?
Медиумската индустрија целосно го менува својот облик - границите меѓу различните видови медиуми исчезнуваат, основните очекувања на корисниците се зголемуваат со развојот на технологиите и содржината, која е сеприсутна, конзистентна на различни платформи и персонализирана. Во такво опкружување, медиумската индустрија, како и секоја друга индустрија, нема избор - треба да се менува и приспособува. Во таа смисла, мојата прва задача е заедно со тимот да продолжам да работам на развојот на стратегијата на платформата, која на нашите корисници во секое време ќе им ја обезбедува потребната содржина, која, каде и да се, ќе им помага во донесувањето на деловните одлуки. „Блумберг Адрија“ од своето основање е мултимедијална платформа присутна на пет пазари и место за собирање на бизнис-заедницата за пристап до релевантни и детални информации и анализи од областа на економијата и бизнисот. Моја задача е и понатаму да бидеме тие што предводат во тоа, но да бидеме и тие што на пазарот носат новитети што создаваат поголема додадена вредност за нашите сегашни и идни корисници.
- „Блумберг Адрија“ како единствена регионална платформа со присуство на веб-страницата, кабелската телевизија, печатениот месечник „Блумберг бизнисвик Адрија“, социјалните мрежи и конференциите стана препознатлив по релевантните медиумски содржини и најчесто како прв извор на информации за бизнис-заедницата во петте земји од регионот. Што може да се очекува во смисла на новитети во наредниот период?
Живееме, повеќе од кога било, во свет во кој луѓето се во центарот на вниманието. На полето на вработувањето, тоа можете да го видите преку борбата за таленти, која зема сѐ поголем замав од 1997 година, кога „Гугл“ го регистрира својот домен и кога за првпат беше воведен терминот „војна за таленти“. Оттогаш компаниите користат различни стратегии за вработување и задржување на талентите, бидејќи знаењето и вештините се една од основните детерминанти што ја прават разликата во создавањето конкурентна предност. Слична борба имаме и кога станува збор за привлекување на вниманието на корисниците/клиентите/купувачите и одржување на лојалноста кон конкретен бренд. Научните истражувања покажуваат дека просечниот човек денес може да обработи дури 74 гигабајти информации дневно - што е еднакво на гледање околу 16 филма. Се поставува прашањето како во морето од достапни информации вие можете да бидете тој што ќе генерира вредност што прави разлика и го привлекува вниманието на своите крајни корисници.
Компаниите што се способни да ги користат податоците за навистина целосно да го разберат својот краен корисник, а потоа врз основа на тоа да ги персонализираат и приспособат содржината и начинот на кој ја испорачуваат, се тие што ќе ја направат разликата. Во тој контекст во наредниот период ќе работиме на уште поинтензивно користење на податоците за да ја приспособиме содржината, преку сите наши платформи, токму на она што прави разлика за нашиот краен корисник, во секое време, на кое било место. Исто така, сакам да напоменам дека она што го разликува „Блумберг Адрија“ од другите медиумски платформи е нашиот аналитички тим, кој ќе продолжи да дава проекции поврзани со движењето на економијата што ја поддржуваат бизнис-заедницата во креирањето на очекувањата и планирањето на следниот чекор во развојот на бизнисот.
- Според Вас, колку е значајно навременото и содржајно медиумско присуство за водечките луѓе на корпорациите, менаџерите, деловните луѓе, претприемачите и сите оние на кои првенствено им се обраќа оваа медиумска платформа?
Тоа е исклучително важно бидејќи од компаниите денес не се очекува само да бидат успешни во создавањето профит туку и навистина да излезат и да се посветат локално на решавање на глобалните предизвици - тоа е она што сите нивни засегнати страни го очекуваат од нив. Истражувањата покажуваат дека и вработените и потрошувачите им се полојални на брендовите што се транспарентни, а навремената и содржајна комуникација со сите засегнати страни прави разлика.
Глобално гледано, приватниот сектор беше јадрото на создавањето богатство и иновации во периодот од 1990-тите до почетокот на 2000-тите. Тоа можеме да го видиме во успешните примери што се создадени во Силициумската Долина. Во тој модел вредноста што се создаваше за акционерите беше пред сѐ мерило за успех. Денес се случува промена - фокусот се префрла од создавање вредност за акционерите кон создавање вредност за сите засегнати страни. Дополнително, новите генерации - кои веќе влегуваат на пазарот и како работна сила и како потрошувачи - се генерации што се дигитално писмени и високо свесни кога станува збор за одржливоста, кои очекуваат од компаниите да се посветат на решавање на некои од најголемите предизвици, тие генерации трагаат по вистината и очекуваат информациите за тоа што ги интересира да ги добиваат веднаш, во реално време.
Оние на кои им се обраќате очекуваат не само да добијат информации што се токму за нив туку информации што се токму за нив токму во овој момент. Во тој поглед, создавањето култура што подразбира навремена и отворена внатрешна и надворешна комуникација, која дополнително има позитивни прелевачки ефекти врз создавањето доверба, е она што се очекува од идните и сегашните лидери.
- Со оглед на тоа што Вашето искуство е обратнопропорционално со Вашата возраст и што веќе сте на важни позиции и во „Блумберг Адрија“ и како доцентка и продеканка за настава во ФЕФА, а исто така сте учествувале во лансирањето стартапи, како и во многу академски и други проекти, како ја оценувате состојбата на целиот деловен екосистем, пред сѐ во Србија, но и во регионот?
Деловниот екосистем во регионот Адрија би го опишала како динамичен и разновиден, со значителен потенцијал за понатамошен развој. Она што го гледам како важен дел од тој потенцијал се, пред сè, малите и средните бизниси, кои го претставуваат столбот на нашата економија, заслужни се за создавањето вработувања, додадена вредност и претставуваат двигатели на иновациите. Нашиот регион е полн со „скриени шампиони“, компании што се лидери во одредена пазарна ниша на европско или светско ниво. Компании што главно иновираат преку постепено подобрување на своите производи и услуги (инкрементална иновација) и притоа поддржуваат близок и долгорочен однос со своите клиенти, инвестиции во истражување и развој, факт е дека се дел од глобалните синџири на вредности, и соработка со академските институции. Науката исто така ја гледам и како важна одредница за понатамошниот развој на нашиот регионален екосистем, и тоа преку поблиска соработка со економијата и позначителен напредок на полето од лабораторија до пазар, односно комерцијализација на научните знаења и истражувања.
Освен компаниите што се присутни во традиционалниот сектор на економијата, важен дел од потенцијалот што го споменувам се апсолутно и компаниите од ИКТ-секторот. Тоа се играчите на пазарот што успеаја со локално достапни таленти да постигнат глобални успеси, да ги стават земјите од нашиот регион на светската мапа и да го привлечат вниманието на светските играчи и инвеститори. На крилјата на успехот на „Инфобип“ (Infobip) и „Нордеус“ (Nordeus), на пример, се развија цели екосистеми што дополнително им дадоа и им даваат можност на другите компании да постигнат светски признаени резултати. Можноста, особено за Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, лежи во привлекувањето странски директни инвестиции, но и во позначајната интеграција на локалните играчи во синџирите на вредности на странските компании.
- Целокупната регионална продукција на медиумската куќа „Блумберг Адрија“ сега е практично достапна за сите корисници во светот преку терминалот „Блумберг“. Колку е тоа важно за самата куќа, а колку за излез во светот на сите регионални актери присутни во „Блумберг Адрија“?
Во динамичното глобално опкружување, кое постојано и брзо се менува, важно е и регионалниот екосистем да има појасна пропозиција за економската вредност, кристализација и појасна презентација на она што нѐ прави единствени, што е нашата конкурентна предност. На нашата платформа пишувавме за дизајнер со македонско потекло чии креации ги носи Тејлор Свифт; за босанско-херцеговската компанија „Дерибус“ (Deribus), која е специјализирана за производство на јахти и влегува на пазарот во Саудиска Арабија; за „Сиркуитмес“ (CircuitMess) од Хрватска, која потпиша договор за соработка со „Волмарт“ (Walmart); за контроверзната компанија ЛПО, која по „Ербас“ почнува да произведува за „Боинг“; за тоа како словенечките скии станаа вистински хит во Кина.
Ваквите стории можат да придонесат за препознавање и позиционирање на нашиот регион на мапата на светскиот деловен и инвестициски екосистем, а сите овие приказни сега се достапни за 350 илјади корисници на терминалот „Блумберг“ (Bloomberg Terminal). Преку терминалот, приказните од нашиот регион стануваат достапни и видливи за силна мрежа на највлијателни носители на одлуки, вклучувајќи финансиски, деловни и професионалци што работат за земји низ светот - без разлика дали генерирате идеи, дали сте во процесот на нивната реализација или наоѓате трговски партнери и партнери за понатамошен раст и развој, таквата видливост дава предност.