Британската фунта го задржа падот наспроти доларот, откако двајца членови од кабинетот на Борис Џонсон објавија дека поднесуваат оставки, нанесувајќи му го најновиот удар на британскиот премиер.
Министерот за здравство на Обединетото Кралство, Саџид Џавид, во твит порача дека се откажал од владата на Џонсон и дека ја изгубил довербата во премиерот. Министерот за финансии Риши Сунак исто така објави оставка во вторникот. На негово место сега е назначен Надим Захави, а на чело на министерството за здравство ќе застане Стив Баркли.
Парот фунта-долар оствари пад од 1,4 отсто веднаш по веста, откако претходно падна за дури 1,8 отсто на 1,1899, најниско ниво од март 2020 година.
„Кога министрите за здравство и финансии ќе си поднесат оставка, само прашање на време е кога ќе замине и премиерот“, напиша Џордан Рочестер, стратег во Nomura International Plc, во белешка во вторникот, додавајќи дека оставките од кабинетот најверојатно нема да влијаат на фунтата на краток рок, но политичката нестабилност може да го стори тоа во следните неколку недели.
Британската валута е под притисок од крајот на 2021 година и во моментот се тргува близу најслабото ниво од почетокот на пандемијата.
Според Вирај Пател, макро стратег во Vanda Research, загубата на двајца клучни членови во британскиот владин кабинет ја пролонгира политичката несигурност и политичкиот ќорсокак во ОК.
„Фунтата навистина не е валута што би ја допреле во моментов - ниту од фундаментална, меродавна, а сега и политичка перспектива“, рече Пател, додавајќи дека попрво би ставил агресивни облози на еврото и швајцарскиот франк наспроти фунтата.